Македонија е нација со силна ракометна култура, со врвни клубови како Вардар, кои се натпреваруваат во ЛШ. Сепак, ќе играме без никаков комплекс и со став дека нема што да загубиме. Едноставно, горди сме што ги носиме боите на нашата земја и ја претставуваме Африка на СП, вели Деко, селекторот на Гвинеја. Македонија синоќа го играше вториот натпревар во групата Д, против селекцијата на Холандија
РАКОМЕТ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО 2025
Македонската машка ракометна репрезентација, предводена од селекторот Кирил Лазаров, по дуелите со фаворизираните репрезентации на Унгарија во првото и Холандија во второто коло (играно синоќа), утре со почеток во 18 часот во хрватскиот град Вараждин ќе го одигра третиот и последен меч во групата Д во прелиминарната фаза на Светското првенство (СП) што се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка. Противник на црвено-жолтите, кои и овој пат ќе ја имаат помошта од бучната навивачка „Фаланга“, ќе биде дебитантот на мундијалите, селекцијата на Гвинеја, која со право се смета за аутсајдер во оваа група. Гвинеја во првото коло убедливо загуби од Холандија со 17 гола разлика (23-40), додека Македонија имаше извонреден настап играјќи нерешено против фаворизираната Унгарија (27-27). Македонија е фаворит против претставникот на Африка, Гвинеја, кој е дебитант на СП, за разлика од Македонија, на која ова ѝ е деветто учество на СП, а најдобриот пласман го има во Катар 2015, кога беше деветта.
Гвинеја на СП ја предводи францускиот стратег Кевин Деко, кој се врати на улогата што ја остави пред 18 месеци, кога ја презеде женската селекција на Тунис. Во таа улога тој ги одведе до бронза на Првенство на Африка за жени во 2024 година, кое се одржа во декември во Киншаса (ДР Конго), со што обезбеди и настап на СП 2025.
– Квалификациите за СП и играњето во Хрватска се големо достигнување за нашиот тим, остварување на сонот за секого од нас и сведоштво за напорната работа, одлучноста и за страста што ги имаме кон ракометот во Гвинеја. Ова е кулминација на долгогодишна напорна работа, но и вистински извор на гордост. Немав можност да учествувам како играч, па ова ќе ми биде првпат како главен тренер – вели селекторот Деко, пренесе ИХФ.
Гвинеја е составена од талентирани ракометари, од кои повеќето играат во второлигашки клубови во Франција, а би ги издвоиле Самбо Сисоко, Лилиан Паскует, Давид Епонух и Тео Леон.
– Македонија е нација со силна ракометна култура, со врвни клубови како Вардар, кои се натпреваруваат во Лигата на шампионите. Сепак, ќе играме без никаков комплекс и со став дека нема што да загубиме. Едноставно, горди сме што ги носиме боите на нашата земја и ја претставуваме Африка на СП – додава Деко, пренесе ИХФ.
За левото крило на Гвинеја, Аџири Ивен Корчер, самиот настап на СП е голем настан.
– Малку е тешко да се опише чувството што го имавме кога ја слушнавме нашата химна овде, во Вараждин, и ја пеевме заедно. Тоа што сме овде на теренот е нашата прва победа. Тоа е голем ден за нашата земја, за нашиот тим и за нашите семејства – рече Корчер за ИХФ,.
По некомплетното второ коло, веќе беа познати и првите селекции што го заверија пласманот во главната фаза. Тоа се Данска и Италија од групата Б и Франција и Австрија од групата Ц, кои остварија по две победи, односно освоија по четири бода. Сепак, успехот е историски за Италијанците, ако се знае фактот што досега настапиле само на едно СП, и тоа во Јапонија 1997 година, кога завршија на 18-то место меѓу 24 селекции, притоа ремизирајќи со Норвешка (19-19) и победувајќи ја Аргентина (21-15) во својата група. Успех претставува и пласманот на Австрија, на која ова ѝ е осмо учество на СП. Светскиот првак на последните три мундијали, Данска, и шесткратниот шампион Франција очекувано и убедливо ги добија двата натпревара против своите ривали, Алжир и Тунис, односно Катар и Кувајт.
Ова СП е трето на кое ќе играат 32 репрезентации, продолжувајќи го форматот воведен во 2021 година и користен во 2023 година, со по осум групи, а првите три селекции во секоја група ќе се пласираат во главната групна фаза (последнопласираните ќе играат во Президент-купот). Г.И.
Данска не знае за пораз 30 натпревари
Дека Данска претставува ракометна велесила не се показател само последните три светски круни во низа, туку и податокот што оваа скандинавска репрезентација не знае за пораз цели 30 натпревари. Предводени од селекторот Николај Јакобсен, секако ќе настојуваат да ја продолжат оваа низа, како и да стигнат до уште едно злато. Скандинавската репрезентација последниот пораз (25-27) на светските првенства го доживеа во осминафиналето на СП во Франција во 2017 година од Унгарија. Единственото реми, пак, го впиша против Хрватска (32-32), на СП во Полска и Шведска 2023.
СП 2025, РЕЗУЛТАТИ, ДВОЈКИ
Група А
Чешка – Полска синоќа
Швајцарија – Германија синоќа
Полска – Швајцарија утре, 15.30 ч.
Германија – Чешка утре, 18 ч.
Група Б
Италија – Алжир 32-23
Тунис – Данска 21-32
Алжир – Тунис денеска, 18 ч.
Данска – Италија денеска, 20.30 ч.
Група Ц
Кувајт – Франција 19-43
Австрија – Катар 28-26
Франција – Австрија денеска, 18 ч.
Катар – Кувајт денеска, 20.30 ч.
Група Д
Холандија – Македонија синоќа
Гвинеја – Унгарија синоќа
Македонија – Гвинеја утре, 18 ч.
Унгарија – Холандија утре, 20.30 ч.
Група Е
Португалија – Бразил синоќа
САД – Норвешка синоќа
Бразил – САД утре, 18 ч.
Норвешка – Португалија утре, 20.30 ч.
Група Ф
Шпанија – Чиле 31-22
Шведска – Јапонија 39-21
Шпанија – Јапонија денеска, 18 ч.
Чиле – Шведска денеска, 20.30 ч.
Група Г
Словенија – Куба 41-19
Исланд – Зеленортски О. 34-21
Зеленортски О. – Словенија денеска, 18 ч.
Исланд – Куба денеска, 20.30 ч.
Група Х
Бахреин – Египет синоќа
Хрватска – Аргентина синоќа
Аргентина – Бахреин утре, 18 ч.
Египет – Хрватска утре, 20.30 ч.