Фото: „Нова Македонија“

Европскиот ракомет може да погледне назад на извонредните случувања во изминатите децении, но ракометот во никој случај не е во позиција да седи со скрстени раце и да се опушти. Ако го сториме тоа, веднаш ќе бидеме претекнати, вели претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер

Европската ракометна федерација (ЕХФ) со претставниците на своите главни засегнати страни во Виена ја одржува првата од двете конференции за натпреварувањата. Во тек е конференцијата за натпреварувањата за мажи, а конференцијата за натпреварувања за жени е на 12 и 13 мај. Конференциите, први од ваков вид од 2008 година, наречени „Европска ракометна иднина“, имаат цел да донесат идеи и да поттикнат дискусии што ќе ја изградат рамката за успешна и одржлива иднина на европскиот ракомет, пишува ЕХФ.
– Ако сакаме да ја дефинираме нашата иднина, мора да почнеме некаде и логично е да го почнеме овој процес со нашите натпреварувачки системи. Европскиот ракомет може да погледне назад на извонредните случувања во изминатите децении. Европските првенства се развиени во врвен производ на спортскиот пазар, фајналфор-турнирите во Лигата на шампионите за мажи и жени се редовно распродадени. Плејада млади играчи влегуваат во сениорските тимови и многу од нив веќе одиграле голем број натпревари во нашите врвни младински натпреварувања, а исто така има и огромен напредок на техничко ниво.

Меѓутоа, ракометот во никој случај не е во позиција да седи со скрстени раце и да се опушти. Ако го сториме тоа, веднаш ќе бидеме претекнати, од нашите конкуренти, од општествените случувања. Или би биле значително загрозени од актуелните предизвици низ светот и нивните економски последици – вели претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер.
Секоја конференција го допира спортот во целост, од репрезентативни до клупски натпреварувања, од младински и можни нови формати до врвни натпреварувања.
– Треба да ја зачуваме нашата ДНК за понатамошен развој на нашиот спорт. Притоа, мора да го земеме предвид економскиот и меѓународниот календарски контекст. Перспективата на клубовите, репрезентациите, лигите, сето тоа треба да се земе предвид. Со овие две конференции ги обезбедуваме основните информации и простор за дискусија, но многу повеќе од тоа слушаме и собираме информации. Потоа, во следниот чекор ќе се направи процена и ќе се провери изводливоста. Конференциите се стратегиско средство за обликување на иднината на европскиот ракомет – рече Видерер. Н.М.