Домаќинот и Франција во потера по Скандинавците, а Македонија по највисок пласман

Што можеме да очекуваме од самиот шампионат, кој во ваква ковид-ситуација може да се постави во улога на фаворит, а кој на аутсајдер, кој е реалниот, а кој посакуваниот дострел на македонскиот национален тим?

РАКОМЕТ – ДЕНЕСКА ПОЧНУВА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО

Од денеска до 30 јануари ќе се игра 15-от европски шампионат во ракомет. Овој пат како коорганизатори се јавуваат Унгарија и Словачка, со 24 учесници, со сменет систем на натпреварување и во ситуација во каква не се одржувал ниту еден претходен европски шампионат, со пандемија на ковид. Европската куќа на ракометот уште еднаш покажа дека не постојат правила кога треба да се одржи настан од ваков тип, па и тие може да се менуваат и модифицираат во „5 до 12“, па макар било тоа и на штета на спортот и спортистите и во ситуација кога само одреден круг луѓе имаат бенефиција од тоа. Но што можеме да очекуваме од самиот шампионат, кој во ваква ковид-ситуација може да се постави во улога на фаворит, а кој на аутсајдер, кој е реалниот, а кој посакуваниот дострел на македонскиот национален тим?

СКАНДИНАВЦИТЕ СЕ ГЛАВНИ ФАВОРИТИ, ФРАНЦИЈА И НЕКОЛКУ СЕЛЕКЦИИ ОД ВТОРИОТ ЕШАЛОН ВО БОРБА ЗА ПОЛУФИНАЛЕ

Скандинавските селекции, Шведска, Данска и Норвешка, се главни фаворити за освојување на медалите, заедно со „десеткуваната“ Франција, која патува без Н`Гесан и Пранди и неколку репрезентативци што се неизвесни за настап поради тоа што се позитивни на ковид. Сепак, Франција предводена од Никола Карабатиќ, кој не е во најдобра форма, со одлични решенија на десната бековска позиција во Ричардсон и Мем, сигурно ќе го бара своето место во полуфиналните борби. Шпанија го почна циклусот подмладување пред ЛОИ 2024 во Париз и по долг период во составот нема да ги видиме Раул Ентрериос и Дани Сармиенто, двајца креативци што имаа значајни улоги во освојувањето медали во минатото. Исто така, од приватни причини го нема моментно најкорисниот играч на „фуријата“, Алекс Душебаев, и во таква ситуација Шпанците не се во кругот фаворити за влез во полуфиналето.
Вториот ешалон репрезентации, од кои се очекува една од нив да им ги расипе сметките на „големите“, го сочинуваат, во секој случај, домаќинот Унгарија, со млад состав, кој веќе се профилира и се стекна со неопходното искуство на големите смотри и со поддршка од публиката ќе се обиде да го направи најдобриот резултат во историјата, и Германија, која, иако има доста повредени играчи и откази, сепак, е селекција за респект. Ако гледаме во минатото, Хрватска е секако селекција со висок рејтинг, но покрај подмладувањето на составот од селекторот Хрвоје Хорват, дополнителни проблеми создава ситуацијата кога двајцата лидери Домагој Дувњак и Лука Циндриќ се позитивни на ковид и досега нема информација кога ќе му бидат на располагање на селекторот. Јагањац и Мартиновиќ (во отсуство на Циндриќ и на Дувњак) треба да бидат лидери на новиот хрватски состав, но без суперквалитет на линијата од шест метри и, традиционално, без врвно решение на голманската позиција, Хрватите како краен дострел го имаат поминувањето на групата Ц. Во неа, за првите две места ќе се борат со олимпискиот шампион Франција, аутсајдерот Украина, но и со Србија, која, ако навреме се комплетира, очекувам да биде најпријатно изненадување на првенството.
Шпанецот Тони Џерона е селекторот што го прероди српскиот национален тим, човекот што успеа да ги врати во националниот тим сите „незадоволни“ играчи, убедувајќи го пивотот Пешмалбек да го облече дресот со националните бои, создавајќи тим без ѕвезди. Бундес-играчите Милосављев, Абутовиќ, Марсениќ и Џорџиќ се адути на селекторот на српската репрезентација, која на ова ЕП ќе има гранитна зона 6-0 како адут за високи дострели. Србија и Црна Гора се единствени селекции што првенството ќе го почнат без селектори, кои се позитивни на ковид, и тоа може да биде дополнителен проблем.
Кругот репрезентации од т.н. втор ешалон, кој може да биде пријатно изненадување на ЕП, го затвораме со нашата национална селекција.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

МАКЕДОНИЈА УШТЕ НА СТАРТОТ ЌЕ ГО РЕШАВА СВОЈОТ ПЛАСМАН НА ЕП

Како дел групата А, во која влегуваат и репрезентациите на Данска, Црна Гора и на Словенија, македонскиот национален тим своите мечеви ќе ги игра во унгарски Дебрецин. Тоа е група на селекции што оставаат простор за оптимизам, имајќи предвид дека освен „ракометниот џин“ Данска, која, патем, во квалификациите „падна“ во Скопје, другите две се селекции со кои можеме да се надигруваме и кои сме ги победувале на големите натпреварувања.
Данска е фаворит за првото место во нашата група и на првенството, иако видовме дека не е непобедлива. Во ситуација додека Микел Хансен уште се јавува на повикот на селекторот, Данска ќе има „џокер“ во рацете и ќе биде фаворит против која било селекција во европски, па и во светски рамки. Но Данска не е само Хансен. По подолга пауза, во националниот тим се враќа еден од најдобрите средни бекови, Лауге Шмит, по долги години на десната бековска позиција има одличен ракометар во Матијас Гитсел, кој одлично се вклопува во концептот на Јакобсен, каде што Хансен е главен потрошувач на топки и играч што игра во два правца. Секако, на голот е најдобриот голман во светот, Никлас Ландин. Данска е селекција што игра класична скандинавска зона 6-0, со одлична транзиција, речиси без измени во фазите напад-одбрана.
Црна Гора, од друга страна, е селекција со најнизок рејтинг, но селекција со широк спектар играчи на бековските позиции, кои можат да играат на солидно ниво, со голман што неколку години е во Бундес-лигата и селекторот Зоран Рогановиќ, кој долги години го пече занаетот на полуостровот што е синоним за ракомет. Бранко Вујовиќ, Милош Божовиќ, Васко Шеваљевиќ и Стефан Чавор се играчи што многу години се профилираат надвор од својата татковина, во најсилните европски лиги. Агресивната одбрана со многу контакти, базирана во голема мера и на фанатичната мотивираност, е обележје на црногорскиот национален тим, но во друштво на многу поискусни (со настапи) репрезентации, Црна Гора е аутсајдер во групата и секоја победа ќе биде мал подвиг за неа. Дополнителен проблем за Црногорците е што веќе неколку дена тренираат некомплетни, без тренер на самите тренинзи и кој најверојатно нема да ја води селекцијата на првите два натпревара. Покрај тренерот, Црна Гора во почетокот на годината пријави и голем број позитивни ракометари, од кои некои ќе се вратат во составот, но прашање е во каква состојба.
Словенија е нашиот главен конкурент за второто место во групата, а меѓусебниот дуел во почетокот на првенството многу ќе решава за конечниот изглед на групата, но и пласманот на двете репрезентации. Предводен од легендата на светскиот ракомет, Љубомир Врањеш, словенечкиот национален тим без Габер, Бомбач и Шоштариќ ќе се обиде да ја помине групата и, со малку среќа, да се надева на повторување на успехот од пред две години, кога играше во полуфиналето на европското првенство. Како ретко која селекција во ракометниот свет, Словенија има исклучително квалитетни играчи на позицијата среден бек во Скубе, Зарабец и во Макуц и имајќи го предвид недоволниот квантитет на квалитетни бекови на левата и на десната страна, очекуваме Врањеш во одреден дел од натпреварите да одигра со најмалку два средни бека и со брза игра во нападот да ја пробива зоната на противникот.
Тилен Соколиќ е ново име во составот, лево крило што може да игра на повеќе позиции во одбраната, давајќи му на селекторот опција за зона 5-1, покрај стандардната 6-0, со ротација на Мачковшек, Благотиншек и на Потеко. Успехот на Словенците на ова ЕП многу ќе зависи од нивната зона, комбинирана со реализацијата на голманската позиција, имајќи предвид дека покрај скандинавските селекции, Словенија ја има една од најдобрите транзиции во модерниот ракомет. Но колку ќе можат Пантар, Кастелиц и Базник да ја „испратат“ зоната и да дадат дополнителен квалитет на голот за реализација на таа транзиција, останува да видиме.

НАПАДОТ ЌЕ ПОСТИГНЕ ГОЛ, НА ТЕСТ ЌЕ БИДЕ НАШАТА ОДБРАНА СО НЕДОВОЛНО ИСКУСТВО НА ГОЛЕМИ НАСТАНИ

Македонија е првата селекција на европските шампионати што со селектор-играч, во името на Кирил Лазаров, оди со состав што е идеална комбинација на младост и искуство. Откако пристигна на чело на националниот тим, со безрезервна поддршка од матичната федерација, Лазаров направи стручен штаб за респект, најмногуброен досега, со стручни лица од сите сегменти на спортот и науката околу спортот, и на тој начин создаде услови за врвни резултати. Со зрела генерација ’96, дополнета со прекалени и искусни играчи со меѓународно искуство и предводени, и на теренот и на клупата, од најдобриот македонски ракометар во историјата, Македонија има убава можност да биде пријатно изненадување на претстојното првенство. Со квалитетни подготовки и три победи во подготвителниот период, нашиот национален тим со победнички менталитет и мотивираност тргнува за Дебрецин. Имајќи го предвид составот, нашиот национален тим во Унгарија ќе употребува две одбранбени зони, каде што Талески ќе мора да има свое место, имајќи ја предвид неговата неопходност во зоната 6-0 на позициите три и четири и како централен бранител во поагресивната зона 5-1, но и неможноста да се менуваат многу играчи во нашиот состав во фазите напад-одбрана и дозирано користење на селекторот и помошник-селекторот во играта во напад.
Успехот, што и да значи тоа, на ова ЕП многу ќе зависи од успешноста на одбраната, која е понеквалитетниот дел од нашата игра, можеби и понеискусен дел, имајќи ги превид играчите на кои таа ќе се базира. Во делот на одбраната, иако се посебен дел, ги вклучувам и голманите како важен сегмент и позиција што многу често знае да биде клучна.
Нападот, во зависност од тоа колку ќе се потпреме на „старата гарда“, ќе биде помалку или повеќе функционален, нашите играчи на линијата од шест метри со својата антропологија ќе претставуваат проблем за противниците, особено во ситуација кога за асистенти ги имаат селекторот и помошник-тренерот и кога нашиот тим ќе се потпира на тактичката поставеност 7-6.
Македонија и во претходните натпревари од квалификациите покажа дека може да се надигрува и да победи секого, затоа јавноста има големи очекувања за поминување на групата, па и за нешто повеќе.
Но, има едно големо но, пред самото тргнување на последното тестирање и нашата селекција не беше поштедена од ковид, каде што, засега, има пет позитивни лица, од кои четворица се играчи. Тоа може многу да ја смени сликата за силата на нашата репрезентација, но и на нашите противници на ова ЕП.
Им посакуваме многу здравје и успех на нашите момци во Дебрецин!

Авторот е поранешен македонски репрезентативец и ракометен аналитичар