Натпреварот со Лемго од полуфиналето на Европскиот куп на куп-победниците уште се памети. Димитровски беше меѓу најмладите во првиот сениорски состав на Македонија. Успешна кариера и во Унгарија. Рекорд за Гинис – 31 постигнат гол на еден меч

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (195) Златко Димитровски (2)

Кариерата на еден од најдобрите македонски ракометари Златко Димитровски траеше многу долго. Тој се појавуваше на ракометниот терен до својата 42. година, кога конечно реши да се збогува од спортот во кој ја помина сета своја младост. Димитровски, кој љубовта кон ракометот ја негуваше од детските денови, кога неговиот татко стана вистинска ѕвезда во овој спорт, не можеше да тргне по друг спортски пат освен ракометниот. За неговите почетоци уште од училишната клупа, а и за првите настапи во сениорскиот тим на Пелистер пишував, па сега ќе се потсетиме на некои моменти што оставија неизбришлива трага во неговата кариера.
– На оној „трагичен“ натпревар со германски Лемго од полуфиналето на Европскиот куп на куп-победниците се сеќаваат сите битолчани, а и целокупната македонска спортска јавност. Испуштената шанса за пласман во финалето, што ќе беше и највредно постигнување во историјата на Пелистер, никој од нас актерите во тој меч не може да ја прежали. Тоа беше натпревар што и денес се прераскажува и кој остави голема трага во ракометна Битола. Денот што требаше да нѐ вивне во ракометните височини наместо најрадосен и најсреќен за нас, всушност стана нашиот најтажен спортски ден. По одлично одиграниот меч на гости, ни се укажа голема шанса во реваншот во Битола да го елиминираме противникот и да се пласираме во финалето.

Судбината беше во наши раце, постојано ја контролиравме ситуацијата, а кога Новокмет постигна гол во последната минута од средбата си помисливме – работата е завршена. Но не беше така, во последните секунди од мечот преку еден брз противнапад Германците постигнаа гол и тоа беше крај на нашите надежи. Тој погодок беше тежок удар за сите нас, а занемената публика едноставно не можеше да поверува што се случи и речиси половина час по завршувањето на средбата остана вџашена на трибините, а ние не можевме да одиме до соблекувалната. И денес, кога ние ракометарите од таа генерација ќе се сретнеме и кога ќе зборуваме за ракометот, не ни сакаме да се сеќаваме на тој натпревар. Но испуштеното не можевме со ништо да го вратиме. Таква ни била судбината – со гол повеќе постигнат на гости, Германците се пласираа за завршната битка, во која беа подобри од шпанскиот Атлетико – се враќа во мислите на тој реванш-меч со Германците, одигран пред преполната сала во Битола, Златко Димитровски.
Пелистер и натаму беше една од нашите најквалитетни екипи. По 6-7 години стигна и до завршницата на Челенџ-купот, но ништо не можеше да ја потисне тагата за елиминацијата од Лемго. Тој меч и понатаму е историски за битолчани, но, за жал, наместо да донесе радост, тој ги растажи срцата на македонскиот ракометен свет. Се сеќавам на разговорот со легендарниот голман Стевче Стефановски, кој раскажувајќи за својата спортска историја, во еден момент рече дека иако ја има снимката од тој меч со Лемго, едноставно не може да ја гледа. Толку тешко им падна тој пораз на сите.

РАКОМЕТНИОТ ЖИВОТ ПРОДОЛЖУВА

Но таков е животот на спортистите, испреплетен со убави, но и со тажни моменти. Сепак, по некој тежок и неочекуван пораз, не значи дека е тоа крај. Напротив, спортскиот живот продолжува и е насочен кон нови предизвици. Така беше и со ракометарите од таа битолска генерација. Сите продолжија во различни средини, некои останаа во Пелистер, но каде и да беа, се стремеа да чекорат напред. Ракометниот живот продолжуваше, сега можеби со уште поголеми мотиви, да се чекаат некој нов ден и нова шанса што ќе донесе радост.
– Јас потоа продолжив во Скопје. Станав член на Југ, но тоа беше една кратка епизода од шест месеци, по која дојдов во редовите на Металург, кој создаваше екипа за големи дострели. Тука во раководството на клубот беа Марко Миркуловски и поранешниот играч Чокревски, кои потпомогнати од спонзорот, создадоа една навистина квалитетна и организирана средина. Тренер ни беше Славко Новаковиќ, кој зад себе имаше успешна кариера. Така почна едно ново патешествие, исполнето со многу доживувања и убави моменти. Во Металург останав две сезони, во кои имавме добри резултати и секогаш бевме во врвот на македонскиот ракомет. Од тој период се сеќавам на победата над Пелистер, кога чувствата кај мене беа „измешани“, не знаев дали сум среќен од победата или тажен за поразот на мојот матичен клуб. Но трагајќи по нова возбуда, ја прифатив понудата на Тиквеш од Кавадарци. Таму отидов со мојот клупски другар Александар Поповски. Тука беше формирана цврста и квалитетна екипа, која практично го продолжи патот што многу години порано го трасираше една извонредна генерација на ракометари, која придонесе Кавадарци да стане ракометен центар. Ние, пак, продолжувајќи го тој успешен од, се изборивме за Тиквеш да се слушне и надвор од границите на Македонија. Со пласманот меѓу најдобрите во домашното првенство, првпат излеговме и на европска сцена – вели Златко Димитровски.

ПРЕСЕЛБА ВО УНГАРИЈА

Златко Димитровски беше играч со немирен дух. Тој беше подготвен да прифати секаков ризик и докрај да се бори да ја оствари целта.
– Јавноста беше изненадена кога решив да ја продолжам кариерата во Унгарија. Многумина со скепса гледаа кон овој мој потег, но бев решен да ја пробам среќата и надвор од границите на нашата земја. Ја одбрав токму Унгарија зашто таму ракометот има голема традиција, а Унгарците постојано се учесници на завршниците од големите приредби, што говори дека таму се игра квалитетен ракомет. Понесен од желбата за нови докажувања, му пристапив на Ѓунѓеш, од истоимениот град, кој е познат како најголем студентски центар во земјата. Таму бев одлично прифатен, а со своите игри им се оддолжив на многубројните навивачи. Во тој период клубот стана член на најквалитетната лига во Унгарија, во која и денес игра значајна улога. Таму останав три и пол години, период што беше исполнет со многу доживувања. Едноставно се соживеав со атмосферата, добив многу пријатели, па благодарение на тие познанства подоцна и мојата ќерка дојде тука и се запиша на факултет. Таа заврши архитектура и денес живее и работи како архитектка во Будимпешта. Ова е уште еден доказ колку спортот може да биде корисен и од аспект на семејниот живот – вели Димитровски.
Како и секој спортист, така и Димитровски посакуваше својата кариера да ја заврши онаму каде што ја почна, во матичниот клуб Пелистер. Дојде во Битола да му помогне на клубот, за кој надвор од Македонија сите знаеја и прашуваа што се случува со него.

– Желба ми беше Пелистер да се врати на старите позиции. Покрај мене, тогаш во клубот беа Марковски, Зарков, К. Поповски, Николовски, ракометари со висок квалитет и големо искуство. И тогаш на ракометниот свет му покажавме дека Пелистер секогаш имал и ќе има квалитет. И не само тоа туку во првите години од овој век успеавме да стигнеме и до финалето на Челенџ-купот, во кое бевме поразени од дански Скјернен. И ова е еден од резултатите за паметење – продолжи Димитровски.
Заокружувајќи ја приказната за Златко Димитровски, треба да се истакне дека тој паралелно со клупската имаше и репрезентативна кариера. Настапи во првиот сениорски национален тим, по осамостојувањето на Македонија на „Трофејот на Карпати“ во Романија, а играше и речиси на сите следни средби. Тој беше член и во онаа репрезентација што во 1998 година првпат избори пласман на Европското првенство во Италија.
– Поради повреда не настапив таму, за што искрено и денес многу жалам. Инаку, ги одиграв речиси сите квалификациски мечеви за тоа ЕП – вели Димитровски.
За крај и за две работи, од кои една за Гинисовата книга на рекордите, што не се забораваат и остануваат запишани во аналите, не само на Пелистер туку и на македонскиот ракомет. Имено, тој е рекордер по постигнати голови на еден првенствен натпревар, против Куманово успеа дури 31 пат ја затресе противничката мрежа. А, не го заборава пенал-рулетот од мечот од еврокупот против Килкис, чиј тренер беше Боро Чурлевски.

– Победникот требаше да се реши на пенали. Јас требаше да го изведам последниот седмерец. Ако погодам, одиме понатаму, ако промашам, серијата требаше да продолжи. Моите соиграчи не можеа да гледаат и заминаа кон соблекувалната. И покрај урнебесните свирежи од трибините, бев смирен и го реализирав седмерецот. Кога дојдов во соблекувалната, сите се нафрлија врз мене. Тоа беше невидено славење – вели тој.
Ете, тоа беше приказната за Златко, средниот ракометен член од семејството Димитровски, следбеник на таткото Пеце, а татко на Иван, кој во моментов е член на Еурофарм 2.