Александер Шпенде Фото: Дарко Андоновски

Од сабота во следните седум дена македонскиот вицепрвак ќе одигра пет меча, прво два на турнирот викендов на кој ќе играат и Гренобл, Бидасоа Ирун и Истр, а потоа уште три меча, со Екс Прованс, Ним и со Сент Рафаел

Ракометарите на Металург денеска заминуваат за францускиот град Гренобл каде што викендов ќе бидат дел од 16-то издание на престижниот турнир „Мастер Гренобл“. Покрај домаќинот Гренобл, на турнирот ќе учествуваат и шпанската екипа Бидасоа Ирун (второпласирана во АСОБАЛ-лигата) и францускиот прволигаш Истр.

Турнирот ќе се игра по полуфинален систем, победниците од првите дуели ќе играат во финалето, а поразените за третото место. Прв противник на Металург (в сабота од 18.30 часот) ќе му биде домаќинот Гренобл, а во вториот меч (20.30 ч.) ќе се сретнат Истр и Бидасоа Ирун.

– Учеството на еден ваков реномиран турнир, кој опстојува веќе 16 години, е огромна чест и привилегија за нас како клуб. Подготвителната турнеја во Франција е продолжение на развојниот пат по кој одиме. Силни натпревари со силни екипи што располагаат со квалитетни индивидуалци, од кои нашите играчи треба да собираат драгоцено искуство. За седум дена во Франција ќе одиграме пет силни натпревари, кои ќе ни бидат од огромна корист во пресрет на продолжението на натпреварувањата во регионалната лига и во домашното првенство – изјави Данило Брестовац, тренерот на Металург.

По завршувањето на турнирот, од 22 до 24 јануари, металурзите ќе одиграат и три пријателски натпревари со француските прволигаши Екс Прованс (осми во првенството на Франција), Ним (петти) и Сент Рафаел (шести). Овие мечеви ќе бидат добредојдени за младите металурзи да се стекнат со дополнително меѓународно искуство во пресрет на продолжението на натпреварите од Регионалната лига и мечевите од плејофот во домашното првенство и во Купот на Македонија.

Првиот официјален натпревар годинава, Металург ќе го игра на 2 февруари (од 18 часот), кога во 14-то коло од Регионалната лига ќе гостува хрватскиот шампион во Загреб. Завршницата во домашното првенство би требало да почне во втората половина на март.