Македонската женска ракометна репрезентација ќе има тешка задача на патот кон Светското првенство (СП) во Јапонија, 2019 година. Според играта во досегашниот тек на Европското првенство (ЕП) во Франција и пласманот на табелите во групите 1 и 2, селекции што би можеле да се најдат во првиот барабан во квалификациите за СП 2019 година, а со тоа би биле и можни ривали на Македонија во бараж-дуелите за СП се Словенија, Шпанија, Унгарија, Норвешка, Данска, Црна Гора и Шведска. Првиот барабан ќе се комплетира со двете селекции што ќе завршат на третата позиција по главната рунда на ЕП.
Директен пласман на СП ќе обезбедат трите првопласирани од ЕП во Франција и уште девет селекции, кои ќе победат во квалификациските бараж-меча.
Со оглед на тоа што Франција веќе има обезбедено учество на СП како актуелен светски првак, а според играта е еден од фаворитите за полуфинале на ова ЕП, директен пласман на СП би имала и четвртопласираната селекција од ЕП. Покрај Франција фаворити за полуфинале се и Русија, Романија, Холандија, Србија и Германија.
Во баражот за СП, Македонија ќе тргне од вториот барабан заедно со Полска, Хрватска, Чешка, Австрија, Исланд, Белорусија, Словачка и Швајцарија.