Фото: Г.И.

Македонската машка и женска шаховска репрезентација ги доживеаја вторите порази во четвртото коло на 44. Шаховска олипијада (ШО), која до 10 август се игра во индискиот град Ченаи во 11 кола. Шахистите, рангирани 61-ви пред почетокот (2.389 просечен рејтинг), од 187 селекции со вкупно 937 шахисти (од тоа 235 велемајстори), беа инфериорни со 0,5-3,5 од посилната Чешка, рангирана 18-та (2.608 просечен рејтинг).

Половина поен освои само искусниот ВМ Звонко Станојоски (рангиран 1.707-ми во светот, а 280-ти на ШО), кој на првата табла по голема борба ремизираше против ВМ Давид Навара, кој пак, според августовската рејтинг-листа е 60-ти шахист во светот, а во Ченаи е рангиран на 22-то место.

И шахистките, рангирани 71-ви (1.863) од 161 репрезентации со 798 натпреварувачки (15 ВМ), не успеја да приредат изненадување против посилната селекција на Турција, рангирана 41-ва (2.153) и загубија со максимални 0-4.

Ивана Манова имаше можност да освои половина поен, но во пешачка завршница во еднаква позиција, направи голем превид по х-линијата, што ја чинеше пораз.

Леа Ефтовска пак, имаше добиена позиција на кралица против топ, но во непрецизно одиграната завршница ја загуби предноста, а потоа партијата, не успевајќи да го сопре противничкиот ц-пиун на седмиот ред.

Со овие порази, македонската машка и женска репрезентација ќе ги расипат моменталните пласмани, кои по третото коло беа на 80-то, односно 73-то место и моментно имаат по две победи и два пораза. Останатите партии од ова коло уште се во тек, а петтото коло е на програмата утре.

МАКЕДОНИЈА – ЧЕШКА 0,5-3,5

ВМ Звонко Станојоски (2.412) – ВМ Давид Навара (2.688) реми (78 потези)

ФМ Емил Ристески (2.405) – ВМ Збињек Храцек (2.555) 0-1 (56)

ИМ Никола Николовски (2.366) – ВМ Петер Мишалик (2.559) 0-1 (38)

Андреј Велјаноски (2.162) – ИМ Војтех Звардон Де Силва (2.503) 0-1 (39)

ТУРЦИЈА – МАКЕДОНИЈА 4-0

ЖФМ Гуленај Ајдин (2.100) – Ивана Манова (1.849) 1-0 (43)

ЖФМ Дуру Окујаз (2.090) – Драгана Николовска (1.876) 1-0 (33)

ЖКМ Онур Чигдем (2.000) – Леа Ефтовска (1.634) 1-0 (47)

ФМ Бусе Наз Косуигит (1.991) – Моника Жежовска (1.588) 1-0 (34)

Г.И.