Македонската машка и женска шаховска репрезентација забележаа убедливи победи во првото коло на 44. Шаховска олипијада (ШО), која до 10 август се одржува во индискиот град Ченаи во 11 натпреварувачки кола. Македонските шахисти (предводени од селекторот Трајко Недев), рангирани 61-ви пред почетокот (2.389 просечен рејтинг), од 187 селекции со вкупно 937 шахисти (од тоа 235 велемајстори), во денешното коло, кое заврши попладнево, очекувано со максимални 4-0 ја совладаа селекцијата на Бермуда (рангирана 155-та). Истиот резултат го постигнаа и шахистките (предводени од селекторот Љубиша Андоновски), рангирани 71-ви (1.863) од 161 репрезентација со 798 натпреварувачки (15 ВМ).
Деби-настап и победи на ШО остварија Андреј Велјаноски на четвртата табла и Леа Ефтовска, која службено впиша цел поен, оти нејзината противничка не се појави на таблата. При тоа Велјаноски, Ивана Манова и Драгана Николовска ги матираа своите противници. Најдолго се играше на третата табла во обете конкуренции, каде Никола Николовски и Драгана Николовска славеа по одиграни 53, односно 50 потези. По завршувањето на сите денешни партии ќе бидат познати и двојките за утрешното второ коло.
На последната ШО во Батуми, Грузија 2018 година, мажите (рангирани 43-ти) го освоија 48-то место од 185 селекции, а жените (рангирани 58-ми) беа 70-ти меѓу 151 репрезентација. Најголеми фаворити за првото место во Ченаи (во отсуство на фаворизираните Кина и Русија) се селекциите на САД во машка и Индија во женска конкуренција.
БЕРМУДА – МАКЕДОНИЈА 0-4
ЖФМ Сузана Ковацова (2.050) – ВМ Звонко Станојоски (2.412) 0-1 (21 потег)
КМ Ник Фаулкс (1.820) – ИМ Тони Лазов (2.374) 0-1 (32)
КМ Сергеј Гонтчаров (1.864) – ИМ Никола Николовски (2.366) 0-1 (53)
Николо Валронд (1.210) – Андреј Велјаноски (2.162) 0-1 (35)
ГАБОН – МАКЕДОНИЈА 0-4
Сарах Ајоума – ЖФМ Моника Стојковска (2.091) 0-1 (17 потези)
Елоунда Одоунга – Ивана Манова (1.849) 0-1 (33)
Дарла Нтоло – Драгана Николовска (1.876) 0-1 (50)
Марија Итоја – Леа Ефтовска (1.634) 0-1 (службено)
Г.И.