Актуелниот светски првак, Кинезот Динг Лирен (рејтинг 2.728), го победи 18 годишниот предизвикувач, Индиецот Домарају Гукеш (2.783), во 12-та партија и го израмни резултатот на 6-6 во мечот за светски шаховски првак во Сингапур на две партии до крајот на регуларниот дел. Со тоа тој ја повтори победата од 12-та партија против Русинот Јан Непомниајашчи во мечот за светската круна во 2023 година. И покрај тоа што беше изненаден од почетниот пристап, Лирен успеа да го најде својот пат и да создаде шаховско ремек-дело, веројатно една од најдобрите партии во неговата кариера, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
– Вчера беше тежок дуел, но денеска се обидов да продолжам со моето искуство и да бидам освежен за оваа значајна партија. Мислам дека одиграв многу добра партија и најдов некои добри потези – рече Лирен, пренесе ФИДЕ.
Вторпат во мечот Лирен се отвори со потегот ц4 (англиско отворање), а Гукеш одговори со 1…e6, за потоа партијата, сепак, да премине во отворање Рети. И двајцата логично ги развија своите фигури и позицијата беше рамноправна до средишницата. Лирен ги искористи своите централни пешаци во комбинација со неговата ловечка двојка, постојано зголемувајќи ја предноста. Откако загуби два пешака, Гукеш можеше да се предаде, но тој продолжи да игра, сметајќи на времето како некој вид одбранбен ресурс, но тоа не се случи.
– Очигледно тоа беше лоша партија, но се случувааат лоши мечеви. Генерално вториот дел од мечот мислам дека и двајцата го играме подобро од првиот, а 6-6 е фер резултат. Но бидејќи водев претходниот ден, малку е разочарувачки да се загуби оваа партија, но барем резултатот е изедначен, а преостануваат уште две партии, па ќе видиме – рече Гукеш, пренесе ФИДЕ. Тринаесетата партија, по третиот слободен денешен ден, се игра утре, а белите фигури ќе ги води Гукеш.
Г.И.