КОШАРКА – НБА, ОЛСТАР-ВИКЕНД

Тимот на Јанис Адетокунбо е победник на годинешниот олстар-меч во кошаркарската НБА-лига одржан во Солт Лејк Сити, откако славеше над тимот на Леброн Џејмс, со 184-175. Вечерта ја обележи бекот на Бостон, Џејсон Тејтум, кој средбата ја заврши со 55 поени, што е убедливо најмногу поени во историјата на олстар-натпреварите, а само трет што досега успеал да ја надмине границата од 50 поени, по Ентони Дејвис со 52 во 2017 година и Стеф Кари со 50 во 2022 година. За Џејмс, пак, ова беше прв пораз по петте победи во низа на олстар-дуелите.
Кај победничкиот тим се истакна и Донован Мичел со 40 поени, а кај тимот на Џејмс, кој постигна 13 коша, најмногу покажа Џејлон Браун од Бостон, кој уфрли со 35 поени, имаше и 13 скока, а Џоел Ембид и Кајри Ирвинг реализираа по 32.
Капитените на двете екипи годинава првите петорки ги избираа пред натпреварот, кој, пак, беше пренесуван во 214 држави, а одлучено беше в година олстар-викендот да се одржи во Индијанаполис.
Стартери во екипата на Џејмс беа: Никола Јокиќ, Лука Дончиќ, Џоел Ембид и Кајри Ирвинг, а капитенот уште ги избра и Џејлон Браун, Ентони Едвардс, Џулиус Рендл, Пол Џорџ, Тајрис Халибартон, Џарен Џексон и Деарон Фокс. Во тимот на Адетокунбо први на паркетот заиграа Лаури Марканен, Џа Морант, Донован Мичел и Џејсон Тејтум, а резерви беа Демијан Лилард, Демар Дерозан, Џру Холидеј, Паскал Сиакам, Шеј Гилџес-Александер, Бам Адебајо и Домантас Сабонис. Г.И.


НАЈМНОГУ ПОЕНИ НА ОЛСТАР-МЕЧ

Џејсон Тејтум 55 2023 г.
Ентони Дејвис 52 2017 г.
Стеф Кари 50 2022 г.
Вилт Чембрлен 42 1962 г.