КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2023

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија денеска (20.30 ч.), во белгискиот град Ловен, ќе биде пред тежок предизвик против фаворизираната Белгија, во третиот натпревар од групата А, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2023 година во Израел и во Словенија. Македонските кошаркарки, иако ослабени без капитенката Анџелика Митрашиновиќ (најефикасна во првите два меча со вкупно 40 коша) и без Едина Муса, кои се повредени, ќе се обидат да го изненадат домаќинот.
– Во вторникот првпат работевме во комплетен состав заедно со кошаркарките што играат во странство, Александра Стојановска, Нена Трајчевска, Ивана Кметовска и Матеа Николиќ. Изминатите неколку дена се обидовме да поставиме игра за она што нѐ очекува. Немавме многу време, но она што го имаме го искористиме за тактичка подготовка за средбата со Белгија – вели селекторот Александар Ашаданов.
Во составот за дуелот со Белгија се и Трајчевска, Стојановска, Николиќ, Кметовска, Јелена Антиќ, Илина Селцова, Марија Димитријевиќ, Цветанка Димова, Сања Адамовска, Катерина Поп-Димитровска, Михаела Алексовска и Мерит Хемпе. Македонија досега нема настап на европските и на светските првенства (СП), а Белгија има 13 учества на ЕП и две на СП. На ЕП освоила две бронзи, во 2017 година (во дуелот за третото место има победа над Грција со 78-45) и лани (Белорусија, 77-69). На СП учествувала во 2018 година (четврто место) и годинава (петто). Во белгиските редови особено се истакнуваат бековите Јулија Венло (29 коша на две средби) и Антонија Делаоре (28 поени) и центрите Кјара Линскенс (27 коша) и Ема Месеман (33 поени).
В недела, пак, во СЦ „Кале“ во Скопје (19 ч.), Македонките ќе ја пречекаат Германија. Македонија првите два дуела ги загуби, од Германија на гости (41-73) и од БиХ дома (64-80). На табелата води БиХ со четири бода, Белгија и Германија имаат по три, а Македонија два. Од 10-те квалификациски групи на ЕП одат првопласираните и четири најдобри меѓу второпласираните. Г.И.