КОШАРКА
Данев остава силен впечаток со својата висина, распонот на рацете и способноста да го штити рекетот, како и со реализацијата во непосредна близина на кошот, но кај него се забележуваат и квалитети во нападот, пишува ФИБА
Во анализата на Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) се наведува дека Дамјан Данев доаѓа во Хрватска со значајно меѓународно искуство, стекнато со настапите на ланското Европско првенство (ЕП) во дивизијата А. Ова е уште едно големо признание за македонската кошарка, кое пристигнува со почетокот на ЕП за играчи под 18 години во дивизијата Б, кое од вчера (Македонија играше со Грузија) до 3 август ќе се одржи во Риека и Опатија (Хрватска). ФИБА го вклучи македонскиот репрезентативец Данев во изборот на 10 кошаркари на кои треба да се обрне особено внимание за време на ЕП, издвојувајќи го како еден од најинтересните млади таленти што ќе настапат. Во анализата на ФИБА се наведува дека Данев доаѓа во Хрватска со меѓународно искуство, стекнато со настапите на ланското ЕП во дивизијата А, каде што беше најдобар блокер во редовите на македонската репрезентација.
– Осумнаесетгодишното крило остава силен впечаток со својата висина, распонот на рацете и способноста да го штити рекетот, како и со реализацијата во непосредна близина на кошот. Во неговата игра се забележуваат и квалитети во нападот, преку пробиви и шут од дистанца – се вели меѓу другото во оценката на ФИБА за македонскиот репрезентативец.
Во најавата за ЕП, ФИБА потенцира дека Македонија, по едногодишниот настап во елитната дивизија А, се враќа во дивизијата Б, а токму Данев треба да биде еден од главните адути во обидот репрезентацијата експресно да се врати меѓу најдобрите европски селекции. Изборот на Дамјан Данев меѓу 10-те најинтересни играчи на ЕП претставува уште една потврда за неговиот потенцијал, но и признание за квалитетната работа во македонската кошарка и националните селекции. Г.И.
































