Фото: Архива „Нова Македонија“

КОШАРКА

Детроит го загуби и 27-от натпревар во низа во НБА и со тоа постави нов негативен рекорд во историјата на најсилната кошаркарска лига на светот, НБА. На Детроит, кој овој пат загуби дома од Бруклин со 112-118, не му помогна ни Кејд Канингем, кој постигна 41 поен. Победничкиот тим го предводеа Кем Џонсон со 24 и Микал Бриџис со 21 поен. Детроит нема победа од 28 октомври, кога славеше на дуелот со Чикаго.
Петкратниот шампион во НБА на тој начин го собори негативниот рекорд на Кливленд, кој беше забележан во сезоната 2010/2011 со 26 порази во низа. Филаделфија во 2015 година загубила 28 меча во низа, но во две различни сезони (10 во едната, 18 во следната). Детроит може да го стигне тој рекорд веќе денеска, кога игра на гости кај Бостон. Г.И.