Фото: „Нова Македонија“

Во Англија во игра за домашниот трофеј се три тима, а во другите четири од најсилните домашни првенства во Европа водечките имаат двоцифрена бодовна предност и сите играат за трофеи и во европски и во домашни купови

ФУДБАЛ – ШАМПИОНАТИ ВО АНГЛИЈА, ШПАНИЈА, ФРАНЦИЈА, ГЕРМАНИЈА И ВО ИТАЛИЈА

Баер, Реал Мадрид, Пари сен Жермен и Интер се водечки тимови во домашните првенства на Германија, Шпанија, Франција, односно на Италија, со двоцифрена бодовна предност, на десетина кола пред крајот на сезонава. Во петте најсилни првенства во Европа најтесната трка за титулата останува во Англија, каде што Ливерпул има два бода повеќе од најблискиот конкурент.
Во Германија, на седум кола до крајот на сезонава, Баер води со 13 бода повеќе од Баерн. Баер игра и за уште еден домашен трофеј, откако утре ќе настапи во полуфиналето на Купот на Германија, со Фортуна Диселдорф, а е и во четврт-финалето на Лига Европа, во кое ќе се сретне со англискиот Вест хем.
По 12 бода предност имаат Реал Мадрид во Шпанија (пред Барселона) и ПСЖ во Франција (пред Брест). Во шпанското првенство треба да се одиграат уште осум кола, а во француското уште 11. И Реал Мадрид и ПСЖ играат и за европската титула, а ривали во четврт-финалето им се англискиот Манчестер сити, односно Барселона. ПСЖ е во трка и за трет трофеј, во Купот на Франција (утре е полуфиналето со Рен).
Интер синоќа требаше да го одигра мечот од 30. коло во италијанската Серија А, со Емполи, дома, а пред таа средба водеше со 11 бода повеќе од Милан, на осум кола до крајот на сезоната. Во Англија има тесна трка меѓу три тима. Ливерпул има два бода повеќе од Арсенал и три од Манчестер сити. Ливерпул сезонава веќе го освои Лига-купот на Англија, а трите клуба се во игра и за други трофеи, и тоа Манчестер сити во Лигата на шампионите (четврт-финале со Реал Мадрид) и во ФА-купот (полуфинале со Челси), Арсенал во Лигата на шампионите (четврт-финале со Баерн), а Ливерпул во Лига Европа (четврт-финале со Аталанта).
Неделава почнува и завршницата на куповите во Германија, Шпанија, Франција, Италија и во Англија. Меѓу најдобрите 18 тима се пласираа еден третолигаш, четири второлигаши и 13 прволигаши. Во полуфиналето на Купот на Германија прволигаш е само Баер, од втората лига претставници се Фортуна Диселдорф и Кајзерслаутерн, а третолигаш е Сарбрикен (двојките се Сарбрикен – Кајзерслаутерн денеска и Баер – Фортуна утре). Во францускиот и во англискиот куп има по еден второлигаш, Валенсиен, односно Ковентри (двојки: Лион – Валенсиен денеска и ПСЖ – Рен утре, односно Манчестер сити – Челси на 20 април и Манчестер јунајтед – Ковентри на 21 април). Само прволигаши се во завршницата на куповите на Шпанија и на Италија (во Шпанија финалето е в сабота помеѓу Атлетик Билбао и Мајорка, а во Италија полуфиналињата се Јувентус – Лацио и Фиорентина – Аталанта, со првите мечеви на програмата денеска и утре и реванши по три недели). Н.М.


ВОДЕЧКИ ТИМОВИ ВО НАЈСИЛНИТЕ ПЕТ ПРВЕНСТВА

Баер 13 7
Реал Мадрид 12 8
ПСЖ 12 11
Интер* 11 9
Ливерпул 2 9
Во првата колона е бодовната предност пред второпласираниот, а во втората мечевите до крајот на сезоната

* Интер синоќа го играше мечот од 30. коло во Италија