Кога ќе ја видите последната деценија, за овој клуб немаше многу финалиња и трофеи. Го зајакнуваме тимот со нашите тренинзи, но сѐ уште ни требаат преодни рокови за да донесеме подобри играчи, како и играчи што се секогаш или често достапни, оти кога тие не се доволно борбени, не можете да освојувате трофеи, вели менаџерот Тен Хаг
ФУДБАЛ – МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД ТРИУМФИРА ВО АНГЛИСКИОТ ФА-КУП
Манчестер јунајтед ги надмина огромните коефициенти пред мечот во корист на ривалот и забележа заслужена победа со 2-1 во финалето на ФА-купот против Манчестер сити на стадионот „Вембли“ во Лондон. Головите на Алехандро Гарначо (30) и на Коби Мајно (39) во првото полувреме беа доволни за успех, кој му обезбеди на клубот пласман во Лига Европа (ЛЕ) следната сезона. Триумфот дојде во заднина на интензивните гласини дека менаџерот на клубот, Ерик Тен Хаг (54), ќе ја изгуби својата работа, без разлика каков ќе биде крајниот исход. Холанѓанецот изјави дека не знае дали шпекулациите се вистинити или не, но откако го следеше успехот во Лига-купот лани, стана првиот менаџер на Јунајтед по Шкотот Алекс Фергусон што освојувал трофеи во последователни сезони.
– Два трофеја и три финалиња за две години не е лошо, но не сум задоволен со тоа. Мораме да се справиме подобро – нагласи гордо Тен Хаг.
Новиот косопственик на клубот, Џим Ретклиф, и неговите колеги ќе ја одредат иднината на Тен Хаг. Ретклиф објави изјава по последниот судиски свиреж, изразувајќи гордост за настапот на играчите на Јунајтед и го пофали персоналот што работи неуморно за да го поддржи својот тим. Сепак, тој не наведе конкретна референца за Тен Хаг. Кога подоцна на пат кон соблекувалната го прашале дали Ерик останува во Јунајтед, тој кратко застанал, се свртел, но продолжил без да понуди одговор, пишува „Би-би-си“.
Тен Хаг не го следеше сонародникот Луис ван Гал, кој се соочи со слична ситуација пред осум години, откако Јунајтед го победи Кристал палас, нивниот последен триумф во ФА-купот пред дуелот во саботата. Тогаш Ван Гал влезе на прес-конференцијата со трофејот и го тресна на масата пред него. Сепак, Тен Хаг направи остра процена на некои од критиките со кои се соочија тој и неговиот тим.
– Кога го презедов клубот, бевме во хаос. Тимот се развива, победува и игра според идентитетот. Но потребен ви е силен тим и играчите да ви бидат на располагање – нагласи холандскиот стратег.
Гордото расположение на Тен Хаг по финалето беше јасно изразено и во интервјуто за „Би-би-си“, каде што беше запрашан дали критиките на медиумите сезонава биле неправедни кон него, пишува „Би-би-си“.
– Мислам дека е така, а тоа не беше во ред и за тимот и за мене. Ова ви го кажувам цела година, кога играчите се здрави, можеме да играме добар фудбал – истакна тој.
Тен Хаг сега е заслужен за два од петте големи трофеи што Јунајтед ги освои откако нивниот легендарен шкотски менаџер Алекс Фергусон се пензионира во 2013 година.
– Кога ќе ја видите последната деценија, немаше толку многу финалиња и трофеи за овој клуб и немаше толку многу млади таленти што доаѓаат со голем потенцијал. Го зајакнуваме тимот со нашите тренинзи, но сѐ уште ни требаат преодни рокови за да донесеме подобри играчи, како и играчи што се секогаш или често достапни, оти кога тие не се доволно борбени, не можете да освојувате трофеи – објасни Тен Хаг. Г.И.