Веќе се продадени повеќе од 1,5 милион билети, а има и рекордна публика во првото коло, во кое беше поставен рекорд на сите времиња за фудбалски натпревар за жени или за мажи во Нов Зеланд и имаше дуел со најголемата посетеност на СП за жени во претходните 24 години. Вкупниот број гледачи во првото коло е за 54 отсто поголем во споредба со СП 2019, првпат има фестивали за навивачи, со над 120.000 посетители… „Ова е дефинитивно најголемото СП за жени досега. Имаме неверојатни бројки за гледаност низ светот, кои дефинитивно ќе достигнат две милијарди гледачи. Фантастично е“, рече Инфантино, претседателот на ФИФА
ФУДБАЛ
Светското првенство (СП) за фудбалерки што е во тек во Австралија и во Нов Зеланд постави нов рекорд, откако само шест дена од почетокот на турнирот, СП 2023 ќе има рекордната посетеност, со повеќе од 1,5 милион продадени билети. Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, им се заблагодари на двете земји-домаќини за нивните напори да го кренат профилот на фудбалот за жени на невидено ниво на глобално ниво.
– Навистина би сакал да изразам огромна благодарност до Нов Зеланд и до Австралија. Тие нѐ пречекуваат сите нас, а секој што е некако поврзан со СП направи огромна работа. Ова е дефинитивно најголемото Светско првенство за жени досега. Натпреварите се со исклучително висок квалитет. Мислам дека ова е, исто така, една од карактеристиките на овој Мундијал. Првпат играат 32 земји, има осум дебитанти и имаше одлични натпревари, одлични голови и некои аутсајдери што изненадуваат – рече Инфантино.
На денот на отворањето, на 20 јули, повеќе од 117.000 гледачи присуствуваа на мечевите во Окленд и Сиднеј, од тоа 42.137 на средбата Нов Зеланд – Норвешка, за рекорд на сите времиња за фудбалски натпревар за жени или за мажи во Нов Зеланд, а 75.784 гледачи на натпреварот Австралија – Република Ирска е најголемата посетеност на СП за жени во претходните 24 години. По само шест дена од турнирот, ФИФА веќе ја надмина целта со продажба на повеќе од 1,5 милион билети за 64-те натпревари.
Вкупната посетеност на првите 16 натпревари од првото коло беше 459.547 со просек од 28.721 гледачи по меч, што е зголемување за 54 отсто во споредба со првите 16 натпревари на СП 2019 во Франција. Фестивалите за навивачи, кои, исто така, првпат се организираат на СП, се сѐ попопуларни.
– Имаме фестивали со над 120.000 луѓе, но не само на главните стадиони и главните градови, низ сите градови има одлична атмосфера – рече тој.
Инфантино зборуваше и за глобалната публика. СП се прикажува во 200 земји од над 130 радиодифузери, пишува ФИФА.
– Имаме неверојатни бројки за гледаност низ светот, кои дефинитивно ќе достигнат две милијарди гледачи. Фантастично е – вели Инфантино. Н.М.