„Секое утро ја проверуваше висината на тревата“

Зад секој тренинг имаше идеја. Тој го прави секој играч подобар, тактички, физички. Ерик не остави ништо на случајноста. Беше подготвен за секој противник, до последниот детаљ, вели Колдер, капитен на Го Ахед, првиот тим што го тренираше Тен Хаг, сега кормилар на Ајакс

ФУДБАЛ – КАКО Е ДА СЕ ИГРА ЗА ЕРИК ТЕН ХАГ, ТРЕНЕРОТ НА АЈАКС

Тренерот на Ајакс, Ерик тен Хаг, претходниве неколку сезони направи име на клупата на најтрофејниот холандски клуб и за него се заинтересирани повеќе врвни европски фудбалски клубови. Пласманот во полуфиналето на Лигата на шампионите во 2019 година го направи познат и за оние што не се најзаинтересирани за европскиот фудбал, а неговата репутација постојано расте.
По завршувањето на фудбалската кариера, во Твенте, првиот тренерски ангажман на Тен Хаг (52) му беше во второлигашот Го Ахед, во 2012 година. Тогаш беше далеку од тоа да стане најпосакуваниот млад тренер во европскиот фудбал, но зборот „строг“ редовно се спомнува кога се разговара со оние што играа кај него во тие денови.
– Тој беше сериозен тренер, кој знаеше што сака, а сакаше да контролира сѐ и во секое време – вели Марникс Колдер, поранешен играч и капитен на Го Ахед, во статијата на весникот „Индепендент“.
Уште еден играч на Го Ахед од тој период, Сјорд Овергор има слична приказна.
– Ерик мене и на соиграчите ни кажа кругот низ локалната шума да го истрчаме за две минути. За да му покажеме дека сме фит, ние го направивме тоа за 1,50 минута. Тој ни рече: „Не, кога ќе кажам две минути, тоа не се 1,50 или 2,10 минути. Тоа се две минути“ – вели тој.
Во 2002 година, Тех Хаг почнува да работи како тренер во клупската академија на Твенте. Импресивниот ефект во развојот на младите играчи му донесе промоција во првиот тим на Твенте, каде што една сезона работеше со Стив Мекларен. Седум години потоа му се придружи на Фред Рутен во ПСВ Ајндховен, со кого работеше и во Твенте. По напуштањето на ПСВ, по две и пол сезони, Тен Хаг веќе имаше изградено репутација како еден од најинтелигентните млади тренери. Му се јавија голем број второлигашки клубови, а Го Ахед беше неговиот избор. Неговите методи брзо почнаа да ги убедуваат играчите дека работат со талентиран млад менаџер.

НЕ ОСТАВА НИШТО НА СЛУЧАЈНОСТА

– Зад секој тренинг имаше идеја. Тој го прави секој играч подобар, тактички, физички. Ерик не остави ништо на случајноста. Беше подготвен за секој противник, до последниот детаљ – вели Колдер.
Ригорозната посветеност на деталите беше намерна. Тоа му помагаше да се подготви за високоструктуриран стил на игра, кој се однесуваше на повторување шаблони, меморирање на движењата и внимание на малите нешта.
– Секое утро одеше на теренот за да види дали тревата е доволно висока – додава Овергор.
Еден од редовните тренинзи на Тен Хаг во претсезоната беше сличен на „играта на сенки“ што ја промовира Ариго Саки, или игра 11-0, без противници на теренот, со тоа што кај Тен Хаг беше со топка, за да се постигне совршена напаѓачка форма и движењата да бидат што попрецизни.
– Беше навистина здодевно. Но тој сакаше да се фокусираме и да се обидуваме, повторно, повторно и повторно – вели Овергор.
Колдер и Овергор можат да ги видат разликите во стилот на Тен Хаг тогаш и сега, поради подобриот технички квалитет на играчите со кои располага Ајакс, но препознаваат неколку основни, прогресивни принципи.
– Тој веруваше дека фудбалот победува, сакаше кратки додавања. Кога противникот притиска, тогаш го проигрувате напаѓачот. Нема долги топки. Тоа е навистина школа на Ајакс, кратки додавања по тревата – вели Колдер.

СЕКОГАШ ДИЈАГОНАЛНО

Но додавањата никогаш не би требало да бидат праволиниски или предвидливи.
– Секогаш дијагонално, бидејќи тогаш вашето тело е поотворено, гледате повеќе простор. Тоа беа лесни работи, но никогаш не сум размислувал така. Секогаш барав директни топки. Но ако трчам малку поинаку, би имал отворено тело и би гледал повеќе простор напред. Овие мали детали едноставно ми овозможија многу полесно да играм – вели Овергор.
Имаше моменти кога Овергор се прашуваше дали му одговара стилот.
– Во првите пет или шест недели од претсезоната мислев дека ме мрази. Постојано ми викаше дека сум направил нешто погрешно, морам да направам повеќе од ова, повеќе од тоа – вели тој.
Дојде до точка кога тој почувствува дека мора да седне со својот нов тренер за да ги решат недоразбирањата. Во меѓувреме, Тен Хаг ја сменил вратата на канцеларијата и ставил нова, стаклена.
– Првата мисла ми беше дека сака да види сѐ, да има сѐ под контрола. Но се покажа дека тоа е само за да ни биде поудобно кога ќе сакаме да влеземе во неговата канцеларија. Тој ми рече: „Вие сте тип на играч што можеби е задоволен со 80 отсто од себе, но јас сум сигурен дека ако ве налутам или ако станете поагресивен, тие 80 ќе стигнат до 100 или можеби до 110 отсто. Да не го сменеше моето размислување, можеби ќе останев само второлигашки играч – вели Овергор.
Шансата да работи со вториот тим на Баерн, истото лето кога таму замина и Пеп Гвардиола, Тен Хаг не можеше да ја одбие. По две години во вториот тим на Баерн и по една и пол сезона во Утрехт, се јави Ајакс.
– Мислам дека за Ерик се важни луѓето околу него. Структурата, директорот, помошник-тренерот. Тој работи со целиот тим и мора да има доверба во нив. Тој има пат во главата и ништо и никој не може да му го одвлече вниманието. Секој има свое мислење, но тој го следи својот план. Тоа е Ерик – додава Колдер.