Португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо премина една милијарда следбеници на неговите профили на социјалните мрежи, потпомогнат од неговиот новоотворен канал на Јутјуб, кој привлече повеќе од 60 милиони претплатници за нешто повеќе од три недели, пишува агенцијата „Ројтерс“.
Роналдо, кој го постигна својот 900-ти гол во кариерата во минатата недела во победата на Португалија на дуелот со Хрватска со 2-1 во Лигата на нациите, е првиот човек што достигна една милијарда следбеници на социјалните мрежи, објавија светските медиуми, пренесе „Ројтерс“.
– Ние направивме историја, една милијарда следбеници. Ова е повеќе од само бројка, тоа е доказ за нашата заедничка страст, нагон и љубов кон играта и пошироко. Бевте со мене на секој чекор од патот, низ сите височини и падови. Ова патување е наше патување… ви благодарам што верувавте во мене, за поддршката и што бевте дел од мојот живот – објави Роналдо на X.
Поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед и на Реал Мадрид ја достигна таа бројка и со над 639 милиони следбеници на Инстаграм, 170 милиони на Фејсбук и 113 милиони на Х.
Роналдо (39) беше на врвот на листата на „Форбс“ за најплатени спортисти годинава, со заработка надвор од теренот од 60 милиони долари, пишува „Ројтерс“.