Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА

Само Шпанија победи во сите пет меча, таа е на делба на првото место според бројот на постигнати голови (11), а Франција од петте досегашни натпревари на четири не прими гол. Нивниот меѓусебен меч за пласман во финалето на ЕП 2024 е вечерва, од 21 часот, во Минхен

Фото: ЕПА

Во Минхен, вечерва (21 часот), почнуваат полуфиналните дуели на Европското првенство (ЕП) со мечот помеѓу два гиганта на европскиот фудбал, Шпанија и Франција.

Шпанија на ЕП 2024 е единствената репрезентација што победи во сите пет натпревари, таа селекција е и на делба на првото место според бројот на постигнати голови (11) и прва по вкупниот број обиди (102) и освоени топки (230), што покажува колку била импресивна репрезентацијата на Шпанија и во напад и во одбрана, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Француската репрезентација, пак, на петте досегашни натпревари на ЕП 2024 на четири не прими гол. Мрежата на Франција вкупно се затресе само еднаш досега на годинашниот континентален шампионат.

Шпанија досега еднаш била светски и трипати европски првак, а Франција има по две планетарни и континентални титули.
– Моите играчи се ненаситни. Секако, секогаш има простор за подобрување, но не можеме да ги доведеме во прашање нивната гордост, квалитет и посветеност. За мене, успехот е резултат на многу работа и посветеност, но успехот е, исто така, поврзан со патувањето. Работа, посветеност, труд, пожртвуваност. И ако дадете сѐ, никогаш нема да не успеете – рече селекторот на шпанската репрезентација, Луис де ла Фуенте.

Франција се стреми кон пласман на четврто финале на големите турнири во претходните осум години (финалиња на ЕП 2016 и на светските првенства во 2018 и во 2022 година), неверојатен рекорд што сведочи за нивниот резервоар на искуство за големи натпревари, пишува УЕФА.
– Ние сме во полуфинале и тоа е нешто што не треба да го земаме здраво за готово, дури и ако сме навикнати на тоа во последно време. Сега одиме да го освоиме трофејот. Стигнавме до полуфинале и тоа е достигнување, дури и ако луѓето очекуваат да стигнеме до тука. За мене тоа е гордост со моите играчи, иако не е сѐ направено совршено. Би сакал да го искористам овој момент и да го искористам максимумот од него – изјави селекторот на Франција, Дидие Дешам. Н.М.

ЕП 2024, ПОЛУФИНАЛЕ
Шпанија – Франција 21 ч.
Холандија – Англија утре, 21 ч.
не се игра меч за третото место, финалето е в недела во Берлин