Арсенал и Ливерпул имаат по 64 бода, а Манчестер сити има 63. Ако тимовите се израмнети на крајот на сезоната, за титулата решаваат вкупната гол-разлика, постигнатите голови, подобриот меѓусебен резултат, головите на гости во меѓусебните мечеви…

ФУДБАЛ

Новото коло може да биде важно во трката за годинашната титула во англиската фудбалска Премиер-лига, во кое утре Ливерпул игра дома со Брајтон, а актуелниот првак Манчестер сити е домаќин на ривалот за трофејот, Арсенал. Првпат од 2014 година, само еден бод ги дели првите три тима по одиграни 28 натпревари, пишува „Би-би-си“. Води Арсенал со 64 бода, колку што има и второпласираниот Ливерпул, а трет е Манчестер сити со 63 бода. Тоа ќе бидат први првенствени натпревари за премиерлигашите по три недели, поради паузата поради четврт-финалето на ФА-купот и мечевите на репрезентациите.
Ако тимовите се израмнети на крајот на сезоната и одиграни 38 натпревари, титулата ќе се решава според вкупната гол-разлика, а доколку одново се израмнети, предност ќе има тимот со повеќе вкупно постигнати голови, а потоа решава кој тим има најмногу освоени бодови во меѓусебните натпревари, па кој има најмногу постигнати голови на гости во меѓусебните мечеви, пишува „Би-би-си“.
Претходно имаше само неколку тројни трки за титулата во Премиер-лигата каде што тимовите беа одвоени со само два бода пред крајот на сезоната со 38 натпревари. Така, во сезоната 2013/2014 на 6 мај 2014 година само два бода ги делеле Ливерпул, Манчестер сити и Челси, а Манчестер сити ја освои титулата. Во сезоната 2001/2002 на 23 април 2002 година Арсенал водеше пред Ливерпул со еден бод повеќе, а Манчестер јунајтед имаше уште еден бод помалку, а потоа Арсенал ја освои титулата. Во сезоната 1995/1996, во средината на март, со уште осум натпревари до крајот на таа сезона, Манчестер јунајтед и Њукасл беа израмнети со по 61 бод, а Ливерпул беше на третото место со 59. Тимот на сер Алекс Фергусон, Манчестер јунајтед, ја освои титулата. Н.М.