„Би-би-си“ издвојува шест нови увозни „производи“ во англискиот фудбал, кои би можеле да остават силен впечаток на теренот со својата игра

ФУДБАЛ – ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА НОВАТА СЕЗОНА

Премиер-лигата, која започнува овој петок со натпреварот помеѓу Барнли и Манчестер сити, има многу нови засилувања, кои, пак, ќе сакаат да остават впечаток уште на самиот почеток. „Би-би-си“ издвојува шест нови увозни „производи“ во англискиот фудбал, кои би можеле да остават силен впечаток на теренот со својата игра.

МУСА ДИАБИ (АСТОН ВИЛА)

Астон Вила направи голема работа потпишувајќи договор со крилото на Баер Леверкузен и на репрезентацијата на Франција, Муса Диаби (24), за рекордни 51,9 милион фунти. Диаби, еден од најбрзите играчи во Германија, може да игра насекаде на теренот, постигна 49 гола, а имаше и 48 асистенции во неговите 173 натпревари за бундеслигашот Леверкузен. Минатата сезона тој даде повеќе голови во Бундеслигата од кој било друг од неговите соиграчи, постигнувајќи сам девет погодоци, а асистираше осум пати. Никој не создаде подобри шанси од отворена игра во германскиот врв од Диаби во сезоната 2022-2023.
Диаби, кој има одиграно 10 натпревари за Франција, постигна два гола за Астон Вила во претсезоната, против премиерлигашите Брентфорд и Фулам одиграни на турнејата во САД. Но менаџерот на клубот, Унаи Емери, признава дека тој и неговите соиграчи сѐ уште треба да ја пронајдат најдобрата позиција на Диаби.

МАХМУД ДАХУД (БРАЈТОН)

Махмуд Дахуд (27) летово му се приклучи на Брајтон на бесплатниот трансфер откако ја напушти Борусија Дортмунд. Тој ќе игра во потенцијално новиот изглед на средниот ред на Брајтон со Џејмс Милнер од Ливерпул. Алексис Мекалистер ќе оди кај „црвените“, а Челзи се обидува да го ангажира Мојсес Каиседо. Дахуд имаше одиграно два натпревара за Германија и двата во 2020 година, а 141 меч за Борусија Дортмунд, иако само 10 од нив беа минатата сезона, по операцијата на рамото.
Во сезоната 2021-2022, последната во која играше редовно, беше повеќе ангажиран во нападот од кој било друг играч на Дортмунд во лигата. Дахуд беше многу баран кога ја напушти Борусија Менхенгладбах и премина во Дортмунд во 2017 година, а покажа неколку импресивни настапи за Брајтон во нивните претсезонски натпревари во САД.

КРИСТОФЕР НКУНКУ (ЧЕЛСИ)

Францускиот напаѓач Кристофер Нкунку (25) може да биде еден од најистакнатите играчи во Премиер-лигата сезонава, откако потпиша договор вреден 52 милиони фунти за премин од Лајпциг. Сестраниот фудбалер постигна 58 гола за бундеслигашот во изминатите две сезони и „сините“ се надеваат дека тој е одговорот за нивните ударни проблеми. И покрај тоа што пропушти девет натпревари поради повреда, што, пак, го оддалечи од Светското првенство (СП), тој сепак заврши како најдобар стрелец во минатогодишната германска лига со 16 погодоци. Во претходната кампања беше прогласен за играч на годината во Бундеслигата.
Тој беше крило кога му се приклучи на Лајпциг од ПСЖ во 2019 година, но беше користен како напаѓач во последно време, а менаџерот Маурисио Покетино би можел да го сфати тоа како негова позиција на „Стемфорд Бриџ“. Поранешниот напаѓач на ПСЖ постигна три гола во подготвителната сезона за Челзи, односно по еднаш ја затресе мрежата на Рексам, Брајтон и на Фулам. Тој го повреди коленото на пријателскиот дуел против Борусија Дортмунд, при што Покетино рече „се надевам дека тоа не е голем проблем“.

ДОМИНИК ШОБОШЛАИ (ЛИВЕРПУЛ)

Капитенот на унгарската репрезентација, Доминик Шобошлаи (22), ќе биде клучен дел од новиот изглед на средниот ред на „црвените“ сезонава, заедно со Мек Алистер, кој со селекцијата на Аргентина триумфира на последното СП. Откако капитенот Џордан Хендерсон и дефанзивниот играч за врска Фабињо се преселија во Саудиска Арабија, а Наби Кеита, Џејмс Милнер и Алекс Окслејд-Чембрлен си заминаа со бесплатни трансфери, средината на теренот претрпе целосен ремонт.
Собошлаи, кој за 60 милиони фунти дојде од Лајпциг, играше како крило во поголемиот дел во Бундеслигата, но сега е поголема веројатноста да игра како еден од офанзивните играчи од средниот ред на „Енфилд“. Само двајца фудбалери создадоа повеќе шанси од 47-те на Шобошлаи во Бундеслигата минатата сезона. Тој пропушти неколку дена од претсезоната откако го повреди скочниот зглоб, но и понатаму се појавува во средниот ред на „црвените“.

АНДРЕ ОНАНА (МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД)

Потпишувањето на Манчестер Јунајтед со Андре Онана (27) за 47 милиони фунти означува огромна промена во клубот, оти Камерунецот стана само нивен трет прв избор на голман од 2005 година. Давид де Хеа, кој го напушти клубот со слободен трансфер, беше број еден во последните 12 години. Едвин ван дер Сар беше нивниот прв избор во претходните шест години. Онана, кој играше под водство на Ерик тен Хаг во Ајакс, е омилениот стил на голман на Холанѓанецот, добар во одбрана со нозе и подготвен да излезе од основната линија. Тој минатата сезона комплетираше 10 додавања повеќе за 90 минути од Де Хеа.
Во минатогодишната кампања во Лигата на шампионите, тој прими речиси осум гола помалку отколку што би се очекувало од голман (10 гола од 17,84 очекувани). Онана веќе остави белег во Манчестер јунајтед појавувајќи се на насловни страници во весниците со силни навреди кон соиграчот Хари Мегваер во претсезонскиот натпревар против Борусија Дортмунд.

САНДРО ТОНАЛИ (ЊУКАСЛ)

Њукасл го направи халфот Сандро Тонали (23) најскап италијански фудбалер кога го ангажира од Милан. Тонали му помогна на Милан да ја освои Серија А во сезоната 2021/2022 и беше дел од тимот што стигна до полуфиналето на Лигата на шампионите минатата сезона. Борбен, но и технички талентиран фудбалер, тој е способен да игра како напаѓач или дефанзивен играч за врска. Тој создаде повеќе шанси (62) во Серија А од кој било друг од неговите соиграчи минатата сезона. Тонали веќе им го привлече вниманието на некои од претсезонските натпревари на Њукасл. Г.И.