ФУДБАЛ
Адвокатите рекоа дека планираат да ја тужат УЕФА за прекршување на договорот при продажбата на билети и за небрежност и негрижа за навивачите, кои беа повредени физички и психолошки
Повеќе од 1.800 навивачи на Ливерпул, кои тврдат дека биле повредени или претрпеле психолошка траума во хаосот при повеќечасовното чекање за влез на стадионот „Стад де Франс“ во Париз, пред финалниот натпревар во Лигата на шампионите во фудбал, помеѓу Ливерпул и Реал Мадрид на 28 мај, ќе ја тужат УЕФА, соопштија адвокатите.
Европската фудбалска унија (УЕФА) го одложи почетокот на мечот за 35 минути, наведувајќи ги како причини за тоа „безбедносните проблеми“. Истрагата на францускиот Сенат ги оспори првичните тврдења на УЕФА и на француската влада дека навивачите на Ливерпул биле одговорни за неволјите што ги снашле поради тоа што немале валидни билети. Истрагата утврдила „низа дисфункции“, вклучувајќи и незадоволителни подготовки од локалните организатори и од УЕФА, како и лошите безбедносни мерки. Адвокатската фирма „Бингамс“ од Ливерпул соопшти дека клиентите зборувале за „застрашувачки сцени“ на „Стад де Франс“. „Бингамс“ ѝ се придружи на глобалната правна компанија „Погаст Гудхед“ во тужба за 1.450 клиенти поради небрежност, а „Ли Деј“, друга адвокатска фирма, исто така, поднесе групна тужба во име на уште 400 навивачи. Адвокатите рекоа дека планираат да ја тужат УЕФА за прекршување на договорот при продажбата на билети и за небрежност и негрижа за навивачите, кои беа повредени физички и психолошки.
– Како голем навивач на Ливерпул бев ужаснат кога слушнав како се одвивале настаните на она што требаше да биде врв на фудбалската сезона. Не само навивачите туку и моите пријатели, семејството и клиентите што беа присутни тој ден зборуваа за застрашувачките сцени околу „Стад де Франс“ пред, па дури и по натпреварот. Ливерпул собра 8.500 сведоштва од навивачите, како и фотографии и видеа, за да ги достави до независна ревизија нарачана од УЕФА – изјави Џерард Лонг од „Бингамс“ за „Би-би-си“. Л.Д.