Фото: „Нова Македонија“

По победата на мечот со Лихтенштајн, македонската репрезентација утре во Скопје ќе игра со селекцијата на Велс, која исто така славеше во првото коло. Тоа ќе биде натпревар за врвот во групата Ј и натпревар помеѓу репрезентации што ги освоија првите места во своите групи во Лигата на нациите, остварување што може да донесе настап во плејофот за пласман на СП 2026

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026

Македонската фудбалска репрезентација победнички ги почна квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) в година во САД, Мексико и во Канада, со триумфот на гости во меч од групата Ј кај Лихтенштајн со 3-0 (стрелци Александар Трајковски во седмата минута, Висар Муслиу во 42-та и Бојан Миовски во 84-та минута). Утре следува дуелот во Скопје со репрезентацијата на Велс (од 20.45 часот), која исто така победи во првото коло, дома, на средбата со селекцијата на Казахстан, со 3-1. Во оваа група е и репрезентацијата на Белгија, која во овој период настапува во плејофот за влез во лигата А на Лигата на нациите (синоќа го играше реваншот со селекцијата на Украина) и со мундијалските квалификации ќе почне во јуни, со натпревар со Македонија.
Мечот Македонија – Велс утре ќе биде дуел за врвот во групата Ј и натпревар помеѓу репрезентации што ги освоија првите места во своите групи во Лигата на нациите, остварување што може да донесе настап во плејофот за пласман на Мундијалот. На Светското првенство во 2026 година ќе играат победниците на 12-те квалификациски групи. Во плејофот, пак, со кој ќе се одредат уште четири учесници на планетарниот шампионат од Европа, ќе настапат 12-те второпласирани во квалификациските групи и четири од 12-те победници на групите во Лигата на нациите што не ги освоиле првите две места на табелите во редовните квалификации за Светското фудбалско првенство в година.
Првопласирани во групите на Лигата на нациите беа Португалија, Франција, Германија, Шпанија (во лигата А), Чешка, Англија, Норвешка, Велс (во лигата Б), Шведска, Романија, Македонија, Северна Ирска (во лигата Ц), Сан Марино и на Молдавија (во лигата Д).

Со триумфот на натпреварот со Лихтенштајн црвено-жолтите зголемија три рекорди, бидејќи сега имаат шест победи во низа, осум официјални средби се без пораз и шест натпревари по ред се без примен гол, со што и голманот Столе Димитриевски го зголеми рекордот за македонска репрезентација на 621 минута без да се затресе неговата мрежа.
Низата без пораз на македонската репрезентација почна во второто коло на Лигата на нациите, со дуелот со Ерменија (2-0 дома), а потоа следуваа победите на средбите со Летонија (3-0 на гости), Ерменија (2-0 на гости), Летонија (1-0 дома) и со Фарските Острови (1-0 дома), како и саботната победа со Лихтенштајн. Серијата без пораз во официјални средби (квалификации за СП или за европски првенства и мечеви во Лигата на нации), пак, почна со средбата во ноември 2023 година со Англија (1-1 во Скопје), во осмото коло од квалификациите за пласман на Европското првенство лани. Димитриевски својата серија ја почна на средбата со Фарските Острови, кога прими гол од пенал во деветтата минута и оттогаш неговата мрежа не е затресена на шест средби, а вкупно 621 минута. Н.М.


Омерагиќ: Приходот од влезниците за мечот со Велс ќе биде дониран за
настраданите и повредените во Кочани

Сакам од срце да им честитам на нашите фудбалери за победата, карактерот и за борбеноста. Ова е победа што ја заслужија фудбалерите, стручниот штаб и нашите навивачи, кои уште еднаш покажаа дека се најдобри на светот. Благодарност до сите. Во овие тешки моменти, нашите мисли се со семејствата на настраданите во големата трагедија во која животот го загубија многу млади луѓе. Како знак на поддршка и солидарност, сакам да најавам дека приходот од влезниците за нашиот следен натпревар, против Велс, ќе биде дониран за повредените и за семејствата на загинатите. Ова е време кога фудбалот покажува дека е повеќе од игра, фудбалот и репрезентацијата обединуваат и помагаат. Да продолжиме заедно, со срце и со верба за Македонија. Се гледаме во вторник на Националната арена, изјави Масар Омерагиќ, претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), пренесе ФФМ на својата интернет-страница. Н.М.


КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2025

ГРУПА Г
Полска – Литванија 1-0
Малта – Финска 0-1
Литванија – Финска 18 ч.
Полска – Малта 20.45 ч.
ГРУПА Х
Кипар – Сан Марино 2-0
Романија – БиХ 0-1
БиХ – Кипар 20.45 ч.
Сан Марино – Романија 20.45 ч.
ГРУПА И
Молдавија – Норвешка 0-5
Израел – Естонија 2-1
Молдавија – Естонија утре, 18 ч.
Израел – Норвешка утре, 20.45 ч.
ГРУПА Ј
Лихтенштајн – Македонија 0-3
Велс – Казахстан 3-1
Македонија – Велс утре, 20.45 ч.
Лихтенштајн – Казахстан утре, 20.45 ч.
ГРУПА К
Англија – Албанија 2-0
Андора – Летонија 0-1
Албанија – Андора 20.45 ч.
Англија – Летонија 20.45 ч.
ГРУПА Л
Чешка – Фарски Острови 2-1
Црна Гора – Гибралтар 3-1
Црна Гора – Ф. Острови утре, 20.45 ч.
Гибралтар – Чешка утре, 20.45 ч.