Почна Европското првенство (ЕП) за жени, спектаклот што ветува дека ќе ја промени иднината на женскиот фудбал во земјата домаќин Англија, низ целиот континент и пошироко, вели за интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА), претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, во текстот со наслов „Нова зора за женскиот фудбал“.
– Женското ЕП е главната фудбалска атракција летово, ќе биде во центарот на вниманието низ светот и, што е најважно, ќе привлече легија нови следбеници, што е од суштинско значење за градење одржлива иднина за спортот. За она што треба да стане најголемото и најдобро ЕП, нема подобар амбиент од Англија, „родното место на фудбалот“. Во текот на тринеделниот турнир што ќе кулминира со финалето на култниот стадион „Вембли“ во Лондон, 16-те најдобри европски селекции и нивните фудбалерки ќе го однесат женскиот фудбал до нови височини. Фудбалска асоцијација на Англија има големо искуство во организирањето врвни фудбалски натпреварувања и им се заблагодарувам во името на европската фудбалска заедница што го прифати и овој предизвик. Европските првенства за жени испишаа богати поглавја во фудбалската историја и ЕП 2022 нема да биде исклучок, ќе постави нови одредници за организација на сите женски спортски настани, вели Чеферин. Л.Д.