Ова е сон на еден континент. Ќе има уште светски првенства, но купот само еднаш полни 100 години и треба да се врати дома, рече Алехандро Домингез, претседател на Јужноамериканската фудбалска конфедерација, по кандидатурата на Аргентина, Чиле, Уругвај и на Парагвај за заеднички домаќини на СП 2030. Уругвај беше домаќин на првото СП, во 1930 година
ФУДБАЛ
Аргентина, Чиле, Уругвај и Парагвај поднесоа заедничка кандидатура за организација на фудбалското Светско првенство (СП) во 2030 година.
– Ова е сон на еден континент. Ќе има уште светски првенства, но купот само еднаш полни 100 години и треба да се врати дома – рече Алехандро Домингез, претседател на Јужноамериканската фудбалска конфедерација, кој зборуваше на местото на првото финале, стадионот „Сентенарио“ во Монтевидео, каде што во мечот за првата светска титула, Уругвај ја победи Аргентина.
Уругвај беше домаќин на првиот турнир на ова натпреварување во 1930 година. Чиле беше домаќин на СП 1962, а турнирот се одржа во Аргентина во 1978 година.
– Во ред е домаќин на СП да биде местото каде што почна сѐ, 100 години подоцна – рече Игнасио Алонсо, претседател на Уругвајскиот фудбалски сојуз.
СП годинава ќе се одржи во Катар, а Канада, Мексико и САД ќе бидат домаќини на шампионатот во 2026 година. Светската фудбалска федерација планира да го избере домаќинот за СП 2030 во 2024 година. Фудбалските асоцијации од Велика Британија и на Република Ирска во февруари се согласија да не се кандидираат за СП 2030 и наместо тоа да се фокусираат на заеднички обид да бидат домаќини на Европското првенство во 2028 година, пишува „Би-би-си“.