Избраничките на селекторот Љубомир Савевски пренесоа два бода во главната групна фаза, каде што за ривалки ги имаат селекциите на Шведска (меѓу себе играа вчера) и Исланд (утре), во трката за првите две места во групата за пласман во четврт-финалето

РАКОМЕТ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА КАДЕТКИ ВО СКОПЈЕ

Женската кадетска репрезентација на Македонија за ракометарки до 18 години со максимални три победи ја заврши првата групна фаза на Светското првенство (СП), кое се игра во Скопје, до 10 август. Македонија славеше и во третиот натпревар во групата Б, на мечот со Иран, со 31-19.
На тој начин избраничките на селекторот Љубомир Савевски пренесоа два бода во главната групна фаза, каде што за ривалки во СЦ „Борис Трајковски“ ги имаат селекциите на Шведска (меѓу себе играа вчера) и на Исланд (утре). Македонската репрезентација по првата фаза имаше и најубедлива гол-разлика од сите репрезентации, плус 40 гола (102-62). Претходно, Македонките во мечевите во својата група ги совладаа селекциите на Сенегал, со 32-13, и на Узбекистан, со 39-30.
Во македонските редови, на дуелот со репрезентацијата на Иран прв стрелец беше Теодора Дукоска со шест гола, а по четири гола впишаа Ива Младеновска, Борјана Коцева, Емилијана Ризоска и Ангела Јанкуловска.
Репрезентациите на СП 2022 се поделени во осум групи, најдобрите две селекции од секоја група обезбедија пласман во главната групна фаза, а послабопласираните две репрезентации ќе играат во разигрувањето за пласман од 16-то до 32-то место.
Во главна групна фаза пласман, покрај Македонија и Иран, обезбедија и репрезентациите на Исланд, Шведска (група А), Данска, Португалија (Ц), Египет, Хрватска (Д), Холандија, Романија (Е), Јужна Кореја, Германија (Ф), Норвешка, Бразил (Г), Унгарија и Франција (Х). Г.И.


ГЛАВНА ГРУПНА ФАЗА, 1. КОЛО

ГРУПА 1
Исланд – Иран вчера
Македонија – Шведска вчера
ТАБЕЛА
Македонија 1 1 0 0 2
Исланд 1 1 0 0 2
Шведска 1 0 0 1 0
Иран 1 0 0 1 0

ГРУПА 2
Данска – Хрватска вчера
Египет – Португалија вчера

ГРУПА 3
Холандија – Германија 18.30 ч.
Ј. Кореја – Романија 20.30 ч.

ГРУПА 4
Норвешка – Франција 18.30 ч.
Унгарија – Бразил 20.30 ч.