ФУДБАЛ – ВЕЧЕРВА ШЕСТО КОЛО ВО ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ, ЛИГА Ц, МАКЕДОНИЈА – БУГАРИЈА
Ова ќе биде дуел за пласман на второто место во групата 4, откако двете селекции ниту можат да се пласираат во повисок ранг, во лигата Б, во која оди Грузија, ниту пак да испаднат во лигата Д (селекцијата на Гибралтар ќе игра во баражот за опстанок во лигата Ц). Напролет Македонија ги почнува квалификациите за ЕП 2024, ждрепката на групите треба да се влече на 9 октомври, а Македонија ќе биде во четвртиот или во петтиот барабан (од вкупно шест). Составот на барабаните ќе биде одреден со вкупниот пласман во Лигата на нациите
Фудбалските репрезентации на Македонија и на Бугарија вечерва (20.45 часот) на арената „Тодор Проески“ во Скопје ќе го одиграат последниот меч од годинашното трето издание на Лигата на нациите (ЛН). Ова ќе биде меч за престиж и за подобрување на ефектот од годинашната кампања во Лигата на нациите за двете селекции, дуел за пласман на второто место во групата 4, бидејќи ниту можат да се пласираат во повисок ранг, во лигата Б, во која оди репрезентацијата на Грузија, ниту пак да испаднат во лигата Д (селекцијата на Гибралтар ќе игра во баражот за опстанок во лигата Ц).
Македонија ги загуби двата битни меча од Грузија (0-3 дома и 0-2 на гости во петокот), ремизира на гости со Бугарија (1-1) и прокнижи две победи, против аутсајдерот, Гибралтар (4-0 и 2-0). Анализите за направеното во Лигата на нациите допрва треба да следуваат. На петочниот натпревар во Тбилиси, Македонија не одигра многу лошо, колку што е лош резултатот, бидејќи практично сама се победи, но битен е крајниот исход.
– Честитки до Грузија за првото место и за пласманот во баражот. Што се однесува до Македонија, горд сум на момците како одиграа, но, за жал, повторно загубивме на наши грешки. Доминиравме, создадовме многу шанси, но не постигнавме гол – изјави, меѓу другото, селекторот Благоја Милевски на пресот по мечот.
Македонија останува во лигата Ц и во следното издание во Лигата на нациите, но останува и без бараж за настап на Европското првенство (ЕП) во 2024 година во Германија.
Напролет, во март, Македонија ги почнува квалификациите за ЕП 2024, ждрепката на групите треба да се влече на 9 октомври во Франкфурт, а Македонија ќе биде во четвртиот или во петтиот барабан (од вкупно шест). Составот на барабаните ќе биде одреден со вкупниот пласман во Лигата на нациите. На првиот меч против Бугарија во јуни, Македонија беше подобра и поблиску до победа, но не ги искористи шансите и дома се врати само со еден бод. Бугарите се во своевидна транзиција, бележат лоши резултати во последно време, во Лигата на нациите убедливо беа поразени од Грузија дома (2-5), ремизираа со Гибралтар на гости (1-1), освоија еден бод на гости против Грузија (0-0), а единствената победа ја забележаа пред неколку дена, против Гибралтар (5-1), откако претходно беа во низа од осум меча без победа во сите натпреварувања.
Македонија и Бугарија досега меѓу себе одиграа осум меча, Бугарија има четири победи, Македонија две, а два меча завршија со реми. Македонскиот селектор Милески и на овој меч ќе биде без повредените, капитенот Стефан Ристовски, Дарко Чурлинов, Аријан Адеми и Валон Етеми. Новиот бугарски селектор, Србинот Младен Крстајиќ, кој дебитира на функцијата со победа, нема проблеми околу играчкиот состав и се очекува да го изведе истиот состав што го совлада Гибралтар. Л.Д.
ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ
БиХ и Израел се пласираа во лигата А
Репрезентациите на БиХ и на Израел ќе играат во лигата А, Турција, Грција, Казахстан и Грузија во лигата Б, а Естонија во лигата Ц на фудбалската Лига на нациите, откако ги освоија првите места во своите групи во соодветните лиги на едно коло пред крајот на третата сезона на ова натпреварување. За пласман во лигата А во трка се и Шкотска и Украина од групата 1, како и Норвешка и Србија од групата 4, а тие селекции за првото место ќе решат во меѓусебните дуели, утре. Од лигата А испадна Англија, а за опстанок ќе играат Франција и Австрија во групата 1, потоа Чешка и Швајцарија во групата 2, како и Полска и Велс во групата 4.