Фото: „Нова Македонија“

Статистиката за Палмер е импресивна. Покрај тоа што е првиот фудбалер во историјата на Премиер-лигата што постигнал четири гола во прво полувреме, го има најбрзиот хет-трик на играч на Челси, втор е во Англија според брзината на постигнување четири гола, директно е вклучен во 43 гола, повеќе од кој било друг играч од почетокот на сезоната 2023/2024…

ФУДБАЛ – ПО РЕКОРДНИТЕ ЧЕТИРИ ГОЛА ВО ПРВОТО ПОЛУВРЕМЕ

Напаѓачот на Челси, Кол Палмер имаше историска изведба во победата на Челси на мечот со Брајтон во саботата, дома, со 4-2, откако 22-годишниот фудбалер ги постигна сите четири гола за својот тим, сите во првото полувреме на натпреварот, што првпат се случи во историјата на Премиер-лигата, пишува „Би-би-си“. Палмер на овој меч исто така имаше еден поништен гол и ја погоди стативата.
Статистиката за Палмер е импресивна. Покрај тоа што е првиот во историјата на Премиер-лигата што постигнал четири гола во прво полувреме на еден меч, тој го постигна најбрзиот хет-трик на играч на Челси во Премиер-лигата со три гола за девет минути и 48 секунди, ги постигна сите свои четири гола во период од 19 минути и 57 секунди, а само Џермејн Дефо беше стрелец на четири погодока побрзо во Премиер-лигата, за Тотенхем против Виган, а Палмер сега има вкупно три хет-трика во Премиер-лигата, најмногу за Челси, заедно со Џими Флојд Хаселбенк и Френк Лампард, пишува „Би-би-си“.
Палмер беше директно вклучен во 43 гола (28 погодока и 15 асистенции) во Премиер-лигата, повеќе од кој било друг играч од почетокот на сезоната 2023/2024. Тој постигна 22 гола во најсилната лига на Англија во својата прва сезона во Челси и веќе има шест сезонава. Затоа не е ни чудо што тренерот на Челси, Енцо Мареска, беше одушевен што повторно е со него, откако Италијанецот претходно работеше со Палмер кога беше тренер во Манчестер сити, пишува „Би-би-си“.
– Тој е скромно момче и за мене тоа е најважно. Постигна четири гола, но можеше да постигне уште два или три. Важно е тој да остане гладен и амбициозен – рече Мареска. Н.М.