Со новиот договор до 2026 година, Јирген Клоп (54) ќе биде на таа функција 11 години. Бил Шенкли беше на клупата на „црвените“ 15 години
ФУДБАЛ – ОТКАКО ПОТПИША НОВ ДОГОВОР
Германецот Јирген Клоп ќе биде на менаџерската позиција во англискиот фудбалски премиерлигаш Ливерпул до 2026 година, заедно со помошниците Пеп Лијндерс и Питер Кравиц, кои исто така ги продолжија договорите. Со тоа, Клоп (54) ќе биде на таа функција 11 години, откако отиде во Ливерпул во октомври 2015 година, што значи дека ќе стане менаџер со најдолг стаж во Ливерпул, по легендарниот Бил Шенкли, кој беше на клупата на „црвените“ 15 години, од 1959 до 1974 година.
Клоп се опиша себеси како „одушевен, понизен, благословен, привилегиран и возбуден“ поради новиот договор.
– Морав да си го поставам прашањето дали е добро за Ливерпул да останам подолго. Заедно со моите помошници менаџери, дојдовме до заклучок дека одговорот е „да“. Уште има свежина кај нас како клуб и тоа ми дава енергија. Откако сум тука, сопствениците беа неверојатно посветени и енергични и јасно е дека во моментов тоа важи и за нашата иднина. Кога ја добив понудата за обновување на договорот, си го поставив и прашањето дали имам енергија повторно да дадам сѐ од себе како менаџер. Не ми требаше многу време да си одговорам дека тоа е вистина – изјави Клоп.
Клоп е презадоволен од долгорочното планирање на клубот. Луис Дијаз и Ибрахима Конате го освежија тимот, летово доаѓа и 19-годишниот Фабио Карвалјо од Фулам, а постои интересирање и за играчот од средниот ред на Монако, Аурелиен Чоамени, кого го посакува и Реал Мадрид. Работите на новата трибина на „Енфилд роуд“ се во тек и ќе бидат готови до почетокот на следната сезона, по што капацитет на стадионот „Енфилд“ ќе се зголеми на над 61.000 места.