Носењето лента не почнало во В. Британија. На некои фотографии се гледа дека капитенот на Динамо Киев, Андреј Зазроев, носи таква лента уште во 1954 година. Некои истражувања откриваат дека ново правило во почетокот на сезоната 1949/50 во Серија А предвидувало капитените да носат ленти на рацете. Мур беше еден од ретките европски капитени што не носеше лента кога го крена пехарот на СП 1966…

ФУДБАЛ

Зошто и кога капитените на фудбалските тимови почнале да носат ленти на раката? На фотографијата со трофејот „Жил Риме“, по освојувањето на титулата светски првак во 1966 година, Боби Мур нема капитенска лента на раката.
– Не ни е позната ниту една истражена работа или статија во врска со оваа тема – велат од Европската фудбалска унија (УЕФА).
Историчарот од Меѓународниот одбор на фудбалска асоцијација (ИФАБ), задолжен за правилата на фудбалската игра, исто така, не знаеше ништо околу оваа проблематика. „За жал, немаме информации за оваа тема во нашите архиви“, додавајќи дека капитенските ленти никогаш не биле наведени во правилата и никогаш не биле дел од дискусиите, пишува весникот „Гардијан“.
Ниту техничкиот директор на ИФАБ, поранешниот судија Дејвид Елереј, нема никаква идеја за тоа и вели дека, бидејќи тоа не е дел од правилата на играта, мора да потекнува од организаторите на натпреварите.
Факт е дека носењето лента не почнало во Велика Британија, „колепката на фудбалот“. На некои фотографии се гледа дека капитенот на Динамо Киев, Андреј Зазроев, носи таква лента уште во 1954 година, а ја има и на раката на капитенот на Италија, Бруно Болчи, додека се ракува со Боби Чарлтон на финалето на Светското првенство (СП) за играчи до 18 години, во 1958 година. Во тоа време тие ленти биле вообичаени во Италија. Некои истражувања на италијанскиот новинар Паоло Маџони откриваат дека новото правило на почетокот на сезоната 1949/50 во Серија А предвидувало капитените да носат ленти на рацете. Во Британија пристигнува подоцна, но не може да се одреди точниот датум кога станува норма. Според Алекс Џексон од Националниот фудбалски музеј и според Фудбалската лига, тоа се случува во средината на 1980-тите, а сезоната 1985/86 веројатно е почетната точка, со додаденото правило на ФА-купот: „Капитенот на секој тим ќе носи карактеристична лента обезбедена од здружението за да го покаже неговиот статус“.

Еден човек, кој го поминал професионалниот живот во таа чувствителна област е Џорџ Кортни (80), кој судеше во текот на 1970-тите и 1980-тите. За него, капитенската лента била корисна како „референтна точка“, особено „кога судијата имаше тешкотии, можеби, со самиот капитен или со неговите колеги играчи“. Поранешниот колега на Кортни, Кит Хакет, вели дека лентата била „повеќе за гледачите отколку за судиите“. Тој посочува еден човек како нивен изумител, уметникот Пол Тревилион.
Во текот на доцните 1960-ти, Тревилион работел во САД кога отишол на бејзбол-натпревар на Кливленд. Во споредба со британскиот фудбал, сјајот бил огромен, танчарки, огномети, бесплатни маици. Кога се вратил во Британија, Тревилион го убедил Дон Риви дека неговиот тим, Лидс, треба да направи повеќе гламур на мечевите и дека тој е човекот што ќе го обезбеди тоа. Риви се согласил. Тревилион дизајнирал нумерирани ознаки за чорапи што играчите ги носеле на загревањето пред натпреварот, пред да ги потпишат и да ги фрлат во публиката заедно со специјално дизајнираните фудбалски топки. Имало кореографска рутина за загревање и тренирки со презимиња на играчите.

Лентата, како што вели тој, му се појавила во главата пред финалето на ФА-купот во 1972 година, Лидс – Арсенал, кога се одбележувале 100 години од првото финале. Тревилион отишол кај Били Бремнер со дизајн: широка, длабока сина лента со бела, аголна буква „К“. Бремнер не сакал да слушне за тоа. „Никогаш не сум ја носел, не сакам ништо да ми го одвлече вниманието пред финалето“. Како и да е, Пол Рини носел лента како капитен на Лидс во финалето на Купот на победниците на куповите против Милан во 1973 година и, според историчарот на Лидс, Ендрју Далтон, бил првиот играч на Лидс фотографиран како носи таква лента. Претходно капитенската лента почнала да се појавува во време кога на големите меѓународни турнири се вршела и културна размена. Игор Нето ја носеше кога Советскиот Сојуз го освои Европското првенство (ЕП) во 1960 година. Капитените на Италија носеле лента во 1960-тите. Постепено и други меѓународни капитени го следеле тој пример. Мур беше еден од ретките европски капитени што не носеше лента кога го крена пехарот на СП 1966. Вкупно, половината од 16-те капитени на СП 1966 и на СП 1970 носеа ленти (Зелер на некои фотографии носи лента, на некои не). Но до 1974 година тие беа стандардни. Капитените на англиските клубови ги носеа во Европа од средината на 1970-тите, но не е јасно зошто беше потребна уште една деценија за да бидат прифатени во англискиот домашен фудбал.