Во „Колибри“, во десет продолженија можете да ја прочитате серијата раскази насловени „Од детството на Блаже Конески“ на писателот и публицист Мишо Китаноски, кои, пред да бидат објавени во книга, први ги објавуваме на нашите страници. Во годината кога прославуваме 100 години од раѓањето на овој великан на македонската култура, творец и кодификатор на македонскиот литературен јазик, можете да се запознаете со детските години и растењето на Конески

ЕКСКЛУЗИВНО ВО „КОЛИБРИ“: СЕРИЈА РАСКАЗИ „ОД ДЕТСТВОТО НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ“ НА ПИСАТЕЛОТ МИШО КИТАНОСКИ (9)

Во гимназијата во Крагуевац, во Србија, на почетокот од школувањето, уште во петти клас, Блаже станал член не само на литературната дружина „Препород“ туку и на шаховската секција и член на гимназискиот извиднички одред „Елен“. Со гимназиските извидници, тој во првото полугодие од учебната 1935/36 година ја прошетал околината на градот и одблиску се запознал со убавините на Шумадија…
Но во второто полугодие од таа учебната година, ѓонот на чевлите со кои дошол од Прилеп, за првпат во гимназијата, толку многу му се излижал, што со прстите од десната нога почнал да гази на земјата.
Како „државен питомец стипендист“, тој не само што имал право на бесплатен престој во интернатот и нова облека туку и на нови чевли. И покрај лошата состојба со чевлите, Блаже во прво време не се осмелувал да побара нови чевли од управата на интернатот. Само што ќе помислел да му се јави на дежурниот професор воспитувач во интернатот и да побара нови чевли што бесплатно му следувале, веднаш се откажувал, што од срам, а можеби и од некаков страв, што од неговата повлеченост и трпеливост, а уште повеќе од неговата неодлучност.
Кога не можел повеќе да оди со искинатите чевли, тоа го забележал Миќо, водачот на извидничката група, инаку ученик во горните класови на гимназијата. Тој веднаш му предложил на Блаже заедно да појдат и да побараат нови чевли… На Блаже многу му се допаднал предлогот на Миќо и со задоволство го прифатил. Така, заедно двајцата се јавиле кај дежурниот професор воспитувач.
На средбата, воспитувачот неочекувано го прекорил Блаже, велејќи му дека го гледал како тој по цел ден ја шутира парталавата топка во дворот на гимназијата. А ваму сака нови чевли. Но кога Блаже му кажал дека чевлите што ги носи сѐ уште му се од дома, од Прилеп, воспитувачот се збунил, потоа брзо попуштил и на двајцата им ветил дека ќе повика кондураџија да им земе мера за новите чевли.

Иако поминале повеќе денови од ветеното, сепак, едно попладне се појавил кондураџијата и им зел мера и на двајцата. По некое време, тој им ги донел чевлите и на Блаже и на Миќо… Блаже ги зел, ги облекол и малку се порадувал од нив, зашто најпосле веќе си ги заштитил нозете да не му газат на земјата… Но ништо и не забележал, односно не реагирал дека малку му се поголеми од неговите нозе и дека…
Со својата добрина, учење и педантност, Блаже во класот ги имал освоено сите соученици, а посебен однос кон него имале и оние со кои постојано играл шах, а тој толку лесно ги победувал. Така, по поканата од еден свој соученик во петтиот клас да му биде гостин во селото, Блаже со задоволство прифатил. И по часовите во сабота (тогаш се учело шест дена во неделата) и двајцата радосно се упатиле кон селото што се наоѓало во срцето на реонот Шумадија. Во него стигнале доцна во ноќта преполни со задоволство, зашто пешачејќи низ полето, пролетта си го правела своето: низ пејзажот се ширел и ги заплискувал мирис на расцутени јаболкници, сливи и круши и безброј цвеќиња…
Кога двајцата стигнале во селото, мајката на соученикот љубезно ги пречекала, а откога им се израдувала, убаво ги нагостила и им покажала дека ќе спијат во гостинската соба. Од долгото пешачење, сонот и двајцата веднаш ги совладал, така што утредента подоцна се разбудиле. Соученикот на Блаже по појадокот му предложил да прошетаат низ селото за да го запознае со неговите убавини, но и да се види со своите братучетки.

Во меѓувреме, мајка му на соученикот зела и им ги исчистила чевлите од насобраната прашина по патот… А кога тие посакале да ги облечат, мајката ги зела во раце чевлите на Блаже и со тажен глас рекла:
– Дете мое, зарем не гледаш дека овие чевли прво, се направени од различни кожи и се лошо офарбани, еве, погледни го тоа, а второ, нив пред тебе ги носел некој друг…
По добронамерните, но со милост кажани и со жалење зборови и укажување на мајката, Блаже увидел дека му е направена голема и срамна измама од страна на Миќо, водачот на извидничката група, со учество на професорот воспитувач. Кога подобро размислил, Блаже констатирал дека се направени само еден пар нови чевли, иако кондураџијата им зел мера и на двајцата, и тоа само за Миќо, водачот на извидничката група „Елен“ и ученик во погорните класови… Блаже со ова не можел никако да се помири, дека носи туѓи и уште стари и носени чевли и дека тоа му го има направено никој друг, туку Миќо, со одобрение на еден од професорите, дежурниот воспитувач… па понатаму Блаже ништо веќе не му верувал нему, но сѐ најлошо почна да мисли и за професорот воспитувач… Веднаш престанал да му зборува и засекогаш му свртел грб, не само на Миќо туку и на професорот воспитувач за неговиот недоличен однос кон еден ученик во интернатот.
За жал, од измамата Блаже го обзела голема тага, така што во најмирниот ученик во класот се родил тивок бунт и силен отпор за понижувањето што му е направено.

Едноставно, тоа била првата, но и најголема лузна што го погодила во душата, односно раната што ја почувствувал Блаже во новата средина, уште на почетокот од своето школување. Но во исто време, посакал веднаш да заборави дека такви луѓе постојат и дека еднаш ги сретнал во својот живот… Така, без задоволство ги носел тие чевли, сѐ додека не се искинале во следната учебна година. А дотогаш срцето на ученикот Блаже, иако му било рането, сепак, не му дозволило нешто лошо ниту, пак, да преземе ниту да помисли спрема нив…
Враќајќи се во неделната убава приквечерина од селото во интернатот него го обземала мислата дека овој настан како што дошол така и ќе помине, како што и чевлите еден ден ќе се искинат и ќе се фрлат, но верувал дека лузната во неговата детска душа засекогаш ќе остане… И останала… Затоа Блаже таа лузна на душата многу години по ред ја носел и се сеќавал, како на далечен спомен… што не се заборава.


За авторот

Мишо Китаноски е роден во Вевчани. Бил новинар, уредник и главен и одговорен уредник на весници, ревии и списанија. Ги објавил книгите: „Сите деца се исти“ и „Џамлии и лифтови“ (песни за деца), „Потпис: Сандра“ (поезија за возрасни), „Летописи за македонските села“ (приказни и рецензии), како и публицистичките изданија. „Бела книга – црно писмо: македонски индекс на забранети дела“, „Пиринска историска вистина“ и „Децата бегалци од Егејска Македонија во Југославија“, а приредил и неколку зборници. Последно негово објавено дело е збирката раскази „Прстен и парфем“.
Негови прилози се застапени во буквари, читанки, прирачници и антологии, а неговите дела се преведувани на англиски, руски, бугарски, романски, албански, словенечки, српски и на други јазици.
Според негови сценарија се снимени и емитувани повеќе од десет ТВ-документарни филмови. Живее и пишува на релацијата Скопје – Вевчани и обратно.