Откако УЕФА го укина правилото за гол на гости, нокаут-фазата во Лигата на шампионите (ЛШ) ќе биде поинаква и би можела да пренасочи многу натпревари во неочекувани насоки. Повеќе од пет децении, од воведувањето во 1965 година, правилото нудеше дополнителна загриженост, но и дополнителна награда, што ги правеше европските натпревари тактички покомплексни
ФУДБАЛ
Правилото за предност на тимот со постигнати повеќе голови на гости при вкупен нерешен резултат по два меѓусебни меча, кое во минатите години и децении додаде несигурност, која, пак, ја засили драмата и често предизвикуваше епски пресврти, веќе го нема. Неговото укинување има смисла, но, сепак, би можело да ги фаворизира најсилните тимови и да ја намали неизвесноста, пишува британскиот весник „Индепендент“. Има и еден аспект на фудбалот со кој сите во фудбалот се добро запознаени, но повеќе ќе го нема. Тоа е тишината од домашната публика што го зафаќа стадионот кога се постигнува гол на гости, а со тоа и ненадејното сфаќање дека натпреварот е длабоко променет.
Тоа правило на некој начин го дефинираше европскиот фудбал, правејќи го поинаков и пософистициран. Сега откако УЕФА го укина во сите натпреварувања, нокаут-фазата во Лигата на шампионите (ЛШ) ќе биде поинаква и би можела да пренасочи многу натпревари во неочекувани насоки. Повеќе од пет децении, од воведувањето во 1965 година, правилото нудеше дополнителна загриженост, но и дополнителна награда, што ги правеше европските натпревари тактички покомплексни. Тогаш тренерите не требаше да се подготвуваат само за ривалите, тие мораа да ги подготвуваат тимовите за околностите во кои публиката го охрабруваше домашниот тим да нападне, а студената логика велеше дека примениот гол може скапо да ги чини.
Со промената на правилото, тренерите сега ќе можат да се концентрираат само на тоа како да играат нивните тимови, што е една од многуте причини за укинувањето. Еволуцијата на тактиката зборува и за еволуцијата на ефектите од голот на гости. Правилото беше воведено во време кога тимовите играјќи во непознати околности и „непријателска“ средина беа ориентирани на одбрана, обидувајќи се само да не загубат. Затоа и беше и воведен голот на гости, да ги инспирира да нападнат, пишува „Индепендент“.
До 1980-тите години, домашните тимови станаа премногу дефанзивни. ПСВ Ајндховен под водство на Гус Хидинк стана првак на Европа во 1988 година со „голови на гости“, бидејќи до финалето стигна со нерешени 0-0 дома, во четврт-финалето и во полуфиналето. Тоа сега речиси е незамисливо, бидејќи глобализацијата и на играта и на пресинг-фудбалот доведоа до тоа многу стадиони да им се познати на играчите како и нивниот терен. Едно истражување на УЕФА покажува „континуирано намалување на разликата помеѓу бројот на победите дома и на гости (од 61 отсто домашни и 19 отсто гостински на 47-30 проценти), како и на бројот на голови дома и на гости (од 2,02/0,95 на 1,58/1,15). Огромна разлика можеше да се забележи и во претходните години. Од сезоната 2003/2004, па до последната сезона пред пандемијата, во 2018/2019, просечниот број голови на гости во нокаут-фазата се зголеми од 25,3 на 35,3.
Доколку има многу голови на двата меча, веќе не изгледа фер една екипа да оди понатаму само затоа што постигнала гол повеќе на гости. Класични примери се дуелите Манчестер сити – Монако, вкупни 6-6, во првата сезона на Пеп Гвардиола (Сити испадна) или Тотенхем – Ајакс, 3-3, во 2018/2019 година (Ајакс испадна), пишува „Индепендент“.
По промената на правилото ќе има и две други потенцијални последици. Првата е дека неизбежно ќе има повеќе пенал-серии, што старото правило често ги спречуваше. Но можно е да резултира со помалку епски пресврти, што беше една од последиците на правилото, поттикната од современите околности. Речиси се чинеше дека големината на некое водство беше толку монументално, како тоа на Ајакс над Тотенхем во 2018/2019 или на Реал Мадрид над Јувентус претходната сезона, што тимовите што бркаа водство немаа што да загубат, па само тргнаа напред. Има аргументи и дека различното психолошко чувство на само два или три гола помалку, наместо три гола со еден гол на гости, не инспирира ист интензитет.
Ѓоре Јовановски: Добро е што повеќе не важи правилото
За мене укинувањето на правилото за гол на гости е добра работа. Не гледам причина зошто би се вреднувал двојно, гол е гол каде било да се постигне. Мислам и дека на врвните играчи, како што се Лионел Меси, Кристијано Роналдо, Килијан Мбапе, Нејмар и другите, им е сеедно каде играат, дома или на гости. Плус условите за игра сега се исти, од терените до сѐ друго, фудбалерите се максимално спремни, како тактичко-технички така и физички, можат да одиграат исто секаде и во секое време. Тренерите и нивните помошници знаат сѐ за секого, нема криење на формата или на формациите, нема изненадувања, вели Ѓоре Јованоски, поранешен фудбалер на Вардар, истакнат тренер на повеќе клубови и селектор на Македонија.
Зоран Сратев: Наместо поофанзивен, калкулантски фудбал?
Некако ми се чини дека не требаше да се укинува тоа правило, но УЕФА не носи избрзани одлуки и веројатно добро било промислено околу тоа. Но ако се суди според мечот ПСЖ – Реал Мадрид, јасно е дека гостите дојдоа во Париз да не примат гол, или да загубат минимално, па во реваншот да се обидат со даден гол да победат или барем да играат продолженија и пенали. Тоа би можело да значи дека наместо поофанзивен фудбал ќе гледаме повеќе калкулирање и дефанзива на некои мечеви во нокаут-фазата, што се сакаше да се избегне. Не знам што ќе излезе, останува да видиме што ќе се случува на наредните натпревари, дали е добро или не, вели Зоран Стратев, координатор на младите селекции при Фудбалската федерација на Македонија.
Горазд Михајлов: Можно е да ги снема возбудувањата и неизвесноста
Како и во секоја работа и новина има добри и лоши работи, за и против аргументи околу укинувањето на правилото за гол на гости. Лошото, според мене, би било враќањето на дефанзивниот, калкулантски фудбал како оној што го демонстрираше Реал Мадрид против ПСЖ, на мечот на кој не упати ниту еден удар на противничкиот гол. Очигледно целта им беше да не примат гол, бидејќи дадениот гол на гости не се вреднува како порано. Ми се чини дека може да ги снема возбудувањата и неизвесноста од порано, шокантните голови и пресврти во завршните мигови од некои мечеви, вели Горазд Михајлов, тренер на Силекс.