Фото: Министерство за здравство

Европската агенција за лекови веројатно нема месецов да одобри условна маркетинг-авторизација на антиковид-лекот „молнупиравир“ на компанијата „Мерк“ додека се справува со „проблематичните“ податоци, според упатените во процесот, пишува „Фајненшл тајмс“.

Еден од изворите на британскиот весник наведува оти е можно лекот во форма на таблета воопшто да не добие одобрување, додека ЕМА не даде коментар додека трае процедурата за одобрување, како што наведува „Фајненшл тајмс“.

„Молнупиравир“ ги зголеми надежите во борбата против ковид-19 откако првичните податоци од тестирањето сугерираа дека го преполовува ризикот од смрт и хоспитализација поврзани со ковид-19. Но понатамошните анализи открија оти ефикасноста на лекот е помала отколку што се претпоставуваше, односно оти изнесува 30 отсто. Агенцијата за храна и лекови на САД го одобри лекот, но ја ограничи неговата употреба, а Франција ја откажа нарачката поради загриженост за неговата ефикасност.

„Мерк“ соопшти дека моментно води активни дискусии со регулаторите со цел да го направи достапен лекот во Европа во најскоро време.

Европската агенција за лекови (ЕМА) даде прелиминарна препорака за експерименталниот лек на „Мерк“ да се дава во првите пет дена од почетокот на симптомите на ковид-19, кај оние возрасни на кои не им е потребна кислородна поддршка, но се во ризик од развивање тешка форма на болеста.

Ќе се снајде ли Македонија во трката за ветувачките лекови на „Дивиот Запад“?

Но, според европските здравствени власти, моментно се фаворизира таблетата „Паксловид“ на „Фајзер“, чија ефикасност изнесува 89 отсто според испитувањата, како што тврди „Фајненшл тајмс“.

Се очекува комплетната анализа на податоците за „молнупиравир“ да биде завршена до крајот на месецов. Компанијата „Мерк“, пак, би требала да ги објави резултатите од глобалната студија за ефектите на „молнупиравир“ до средина на годинава. Компанијата засега со регулаторите ги споделува податоците од клиничките тестирања на заразените со ковид-19 кои не се хоспитализирани.

Македонија сè уште анализира за набавката на лекот „молнупиравир“ – во регионот почна да пристигнува

Според последните информации, здравствените власти во Македонија сè уште прават анализи за потребните количини од лекот „молнупиравир“. Кон средината на декември минатата година, од Министерството за здравство, од каде што претходниот период го најавија лекот „молнупиравир“, одговорија дека во тек се анализи за проценка на потребните количини и обезбедување на извори на финансирање за набавка на терапијата. Од министерството не наведуваат податоци за тоа колкаво количество од овој лек би се набавило, колку би чинело тоа или кога ќе стаса, како и кога ќе биде одобрен за употреба во земјава и како ќе им се препишува на заболените. Велат дека навремено ќе информираат за новостите околу набавката на лекот.