Не чепкајте го 11 Октомври

Во заедничката борба против фашизмот тогаш застанаа цела прогресивна Европа и целиот свет. Заедно со Македонија, како сојузник, и ние рамо до рамо со нив. Барањето за бришење на 11 Октомври не може да го покрие ниту, пак, избрише бугарскиот срам, која секогаш била на погрешната страна од историјата

Се ројат белите петна од бугарски желби, како притиснати во талог на шолја со македонско кафе. Иако, како „спектакуларен“ исчекор, за рестартирање на македонско-бугарските преговори беше претставено намалувањето на бугарскиот пакет со желби, т.е. услови за Македонија, т.н. 5+1, во формат 4+1, од бугарската страна не престануваат да доаѓаат непристојни предлози, како непресушна фонтана на бугарските желби за бришење на Македонците и на сѐ што претставува симбол на македонскиот непокор и посебност како народ и држава. Така, бугарските политичари го одврзаа пакетот, па на досега наброените желби, кои се предизвик и за највештите „политички алхемичари“, речиси секојдневно додаваат рециклирани стари досетки. Па, така, како логичен след на барањата бугарската претстава за историјата како заедничка да ѝ се наметне на Македонија, но и фашистичкото минато на Бугарија да биде заборавено во светската историја преку бришење на сведоштвата за тоа од македонските учебници и споменици – сега веќе има побарувања и за укинување на македонските празници од НОБ, кои претставуваат незаборав за македонскиот отпор и борба против фашистичката окупација, извршена токму и од страна на Бугарија во Втората светска војна.
Имено, за бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, за градењето на релациите меѓу Бугарија и Македонија, во насока на повлекување на бугарското вето за ЕУ, спорно е токму македонското празнување на 11 Октомври. Според менталната матрица на бугарскиот европратеник, калибрирана на логиката дека „денот кога пукнала првата македонска пушка против Бугарите во октомври“ е антиевропски, Бугарија со барањето за укинување на тој празник, всушност, спречува таа идеологија да влезе во ЕУ. Каква небулоза. Следно што може да побара Ковачев е и укинување на 9 Мај – Денот на победата, кој цела Европа го слави и одбележува и како Ден на победата над фашизмот.

Замислете, Ковачев појаснува дека тој празник, 11 Октомври, е дел од „идеологија директно насочена против друга земја-членка на ЕУ“, т.е. Бугарија, и тие тоа го сметаат како дел од говор на омраза.
Ковачев изгледа заборава дека токму борбата против фашизмот, тогашното фашистичко зло кон кое припаѓаше Бугарија, е во срцевината и суштината на идеологијата на Европа. Македонија и прогресивна Европа тогаш беа на иста страна и се бореа против истото тоа зло. Бугарија, пак, беше на спротивната страна како олицетворение на злото. Ако некој од нешто треба да се срами, тоа е Бугарија. Македонија може само да се гордее и со 11 Октомври и со својот придонес во ослободувањето и развојот на Европа.
„Препораките“ за укинување на празнувањето на 11 Октомври, денот со кој се одбележува почетокот на народноослободителното антифашистичко востание во Македонија, во Втората светска војна, воопшто не се нови и потекнуваат од „фондот на рециклирани идеи“ за историски ревизионизам и обид за намалување на вината за злосторствата на оние што биле на погрешната страна на историјата во Втората светска војна. Таквите обиди се „поттурнуваат“ од навидум (про)европски политичари, политиколози, интелектуалци, наводно во духот на помирувањето и заедничката европска иднина. Но иднината не може да се маскира со искривување на доказите од минатото и бришење на историските факти.
Колку и да го „прескокнува“ европратеникот Ковачев моментот на бугарската фашистичка идеологија и окупаторска улога од Втората светска војна, против која всушност е започнато востанието на 11 октомври 1941 година, ниту агресивната еврофразеологија, збогатена со искривување на историските факти, не може да прикрие дека неговата желба-барање е мешање во внатрешните работи на Македонија. И не само на Македонија.

Она што треба јасно да им се каже и порача на бугарските емисари и мешетари е дека Македонија е горда на својата историја и минато и нема да отстапи од своите национални обележја, нема да отстапи од празнувањето на своите празници
и од зачувувањето на сите други идентитетски посебности што нѐ дефинираат како народ и држава со своја богата историја, традиција, свој идентитет, јазик и култура

Во заедничката борба против фашизмот тогаш застанаа цела прогресивна Европа и целиот свет. Заедно со Македонија, како сојузник, и ние рамо до рамо со нив. Барањето за бришење на 11 Октомври не може да го покрие ниту, пак, избрише бугарскиот срам, која секогаш била на погрешната страна од историјата. Затоа треба јасно и гласно да им се каже: Не чепкајте го 11 Октомври. И не мешајте се повеќе во македонските работи. Доста ви се вашите проблеми и комплекси.
Всушност, бугарските политичари, и покрај тоа што претенциозно настапуваат од позиција на „чувари на европските вредности“, не можат никако да се ослободат од комплексите на празнување празници за национални соништа што никогаш не се оствариле, како празнување на сонот за санстефанска Бугарија (3 март), поради што во неколку наврати биле втурнати во воени порази и погрешни историски избори. И покрај европската самоперцепција, бугарските политичари никако не можат да го надминат балканскиот нагон за ароганција и злоупотреба на цивилизациските и европските вредности, во интерес на своите империјални аспирации, кои, пак, се во целосен антипод со демократските принципи на ЕУ за рамноправност, еднаквост и реципроцитет во меѓународните односи. Затоа бугарските политичари си дозволуваат да бараат укинување на празници, менување на уставот, историјата, јазикот, националниот идентитет… во друга држава, со арогантно одбивање воопшто да се разговара за некаква позиција на реципроцитет во градењето на односите. Но се чини дека се исцрпува бугарската инвентивност во условите за Македонија да ги започне преговорите со ЕУ, па сега ги рециклираат старите желби и почнуваат нов круг на уцени со секое ново претседателство со Унијата. Сепак, се чини дека и понатаму Бугарија не може да насети колку круга со уцени треба да сврти за да се надева на нешто од нејзините соништа за Македонија, а да не заврши повторно на погрешната страна на историјата. Она што треба јасно да им се каже и порача е дека Македонија е горда на својата историја и минато и нема да отстапи од своите национални обележја, нема да отстапи од празнувањето на своите празници и од зачувувањето на сите други идентитетски посебности што нѐ дефинираат како народ и држава со своја богата историја, традиција, свој идентитет, јазик и култура.