Фото: Твитер/Официјален профил на ЛШ

Фудбалерите на Јувентус трета сезона едноподруго се елиминирани во осминафиналето од Лигата на шампионите, овој пат од Вилјареал по вечерашниот пораз од 0-3 (вкупен резултат 1-4 во двомечот) во Торино. Стрелци на головите за Вилјареал беа Џерард Морено во 78-та и Данжума во судиското надополнување, по успешно реализирани пенали, како и Пау Торес кој погоди по корнер во 85-та минута.

На тој начин Италија остана без претставник во ЛШ, откако и првакот Интер го заврши учеството во осминафиналето, а Милан и Аталанта не ја поминаа групната фаза. Јувентус во претходните две изданија на ЛШ испаѓаше од Порто и од Лион во истата фаза од натпреварувањето.

Бранителот на трофејот Челси славеше на гостувањето кај Лил со 2-1 за триумф со вкупен резултат од 4-1 во двомечот.

Пласман во четврт-финалето претходно изборија и Ливерпул, Манчестер сити, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Бенфика и Баерн. Ждрепката за четврт-финалните двојки ќе се влече в петок.