Новиот светски клупски првак може да заработи 125 милиони долари
ФУДБАЛ
Во согласност со буџетските принципи за клупското Светско првенство (СП) и по плодните дискусии со клучните засегнати страни, вклучувајќи ја и Европската клупска асоцијација, како и одобрувањето на Советот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), ФИФА го потврди моделот на дистрибуција за своето ново клупско натпреварување, кое вклучува парична награда од една милијарда долари за 32-те клуба учесници, плус значителен и револуционерен модел на глобална солидарност, пишува ФИФА.
– Моделот на дистрибуција на СП го одразува врвот на клупскиот фудбал и ја претставува најголемата парична награда досега за фудбалски турнир, кој се состои од седум натпревари групна фаза и формат на плејоф со потенцијална исплата од 125 милиони долари за победниците. Покрај паричната награда за тимовите учеснички, постои невидена солидарна инвестициска програма каде што имаме цел да се обезбедат дополнителни 250 милиони долари за клупскиот фудбал низ светот. Оваа солидарност несомнено ќе обезбеди значителен поттик во нашите тековни напори да го направиме фудбалот вистински глобален. ФИФА нема да задржи никаква сума за овој турнир, бидејќи сите приходи ќе бидат распределени на клупскиот фудбал, ниту ќе ги допре резервите на ФИФА, кои се издвојуваат за глобален фудбалски развој преку 211 земји членки на ФИФА – рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
Вкупниот награден фонд е една милијарда долари, составен е од столб за спортски перформанси од 475 милиони и столб за учество од 525 милиони. Во групната фаза победата вреди два милиони долари, а ремито половина од таа сума. Потоа, за пласман во осминафиналето наградата е 7,5 милиони долари, за четврт-финалето 13,125, за полуфиналето 21, финалистот добива 30, а победникот 40 милиони долари. Од делот за учество клубовите од Европа ќе добијат помеѓу 12,81 и 38,19 милиони долари (рангирање врз основа на спортски и комерцијални критериуми), во Јужна Америка по 15,21 милиони, од Северна Америка, Азија и од Африка по 9,55 милиони и од Океанија по 3,58 милиони долари, пишува ФИФА. Н.М.