Десет натпревари, 10 гола, три асистенции. Почетокот на Белингем во Реал Мадрид, откако се приклучи од Борусија Дортмунд, е едноставно сензационален. „Верувам во себе, но не знаев дека ќе биде толку добро. Тоа им го должам на тренерите и на моите соиграчи“, изјави Белингем
ФУДБАЛ – РЕАЛ МАДРИД ИМА НОВ ХЕРОЈ
Тоа е гол за кој веќе се зборува како можен добитник на наградата „Пушкаш“. Земајќи ја топката на 40 метри од голот, фудбалерот на Реал Мадрид, Џуд Белингем, помина неколку дефанзивци на Наполи, пред да ја затресе мрежата, момент од Лигата на шампионите (ЛШ) што долго ќе се памети, пишува „Би-би-си“. Реал Мадрид можеби победи со 3-2 во трилерот во второто коло на Лигата на шампионите, но момчето од Стурбриџ уште еднаш го привлече вниманието. Токму кога изгледаше дека работите не можат да се подобрат, летното засилување на Реал Мадрид од 103 милиони евра, 20-годишниот англиски фудбалер за врска Белингем се погрижи тој да биде тема во Европа во весниците, телевизиите, радиостаниците и социјалните мрежи.
СЕНЗАЦИОНАЛЕН ПОЧЕТОК ВО РЕАЛ МАДРИД
Десет натпревари, 10 гола, три асистенции. Почетокот на Белингем во Реал Мадрид, откако се приклучи од Борусија Дортмунд е едноставно сензационален. Прославата со неговите кренати раце веќе станува препознатлива меѓу навивачите на Реал Мадрид, додека шпанските медиуми пишуваат со восхит, пишува „Би-би-си“. „Малку Ди Стефано, малку Зидан“ и „Како Марадона“ беа два од насловите.
– Верувам во себе, но не знаев дека ќе биде толку добро. Тоа им го должам на тренерите и на моите соиграчи – изјави Белингем.
Меѓутоа, прашан за каква било споредба со поранешниот великан на Аргентина и на Наполи, Диего Марадона, Белингем веднаш го минимизира тоа.
– Тоа е малку премногу. Тоа беше убав гол. Од она што го видов на Јутјуб и од документарците, неговиот квалитет беше малку поголем од мојот или многу поголем. Само се обидувам да придонесам на Џудов начин. Можеби тоа беше еден од моите најдобри голови. Се соочивме со одличен тим и на одличен стадион. Најважна работа беа победата и придонесот во неа. Важно е да продолжиме со ова темпо – рече тој.
Кога Белингем замина од Бирмингем во Дортмунд за 25 милиони фунти во 2020 година, со што стана најскапиот 17-годишник во историјата на фудбалот, тимот од дивизијата Чемпионшип беше исмејуван од некои затоа што го повлече бројот на дресот на тинејџер, и покрај тоа што тој играше само една цела сезона. Кој се смее сега, пишува „Би-би-си“? Тој е опишан како можен трикратен освојувач на „златната топка“ од поранешниот дефанзивец на Манчестер јунајтед, Рио Фердинанд, а сега се смета за клучен човек и за Англија и за Реал Мадрид. Шпанскиот фудбалски стручњак Гилем Балаге дури го опиша Белингем како „најдобриот играч на светот во моментов“.
– Изненаден сум што има само 20 години, бидејќи изгледа како да има 30 поради неговиот карактер и став. Тој секогаш е фокусиран на играта и знае што треба да направи. Тоа е невообичаено за 20-годишник. Тој има многу квалитет, физичка сила и вештина. Ме изненадува како и сите други – рече тренерот Карло Анчелоти, откако Белингем го води Реал Мадрид до врвот на Ла лига и ја контролира нивната група во Лигата на шампионите.
НАПАЃАЧКО ПАРТНЕРСТВО СО ВИНИСИУС ЖУНИОР
Се чини дека Реал Мадрид најде ново одлично партнерство. Напаѓачот на Бразил, Винисиус Жуниор, кој штотуку се врати по повредата, и Белингем, склопија пријателство и на теренот и надвор него, што ќе биде тешко за остатокот од Европа.
– Тој е неверојатен. Тој е веројатно најдобриот во светот, еден од најталентираните играчи со кои сум играл. Тој ми ги олеснува настапите со неговата брзина и неговите способности – рече Белингем за 23-годишниот Винисиус.
Восхитот е заемен.
– Го сакав Џуд во Реал Мадрид. Во минатата година му испратив многу пораки на Белингем. Секој ден пишував пораки и му велев: Дојди во Мадрид – изјави Винисиус по натпреварот со Наполи.
ПРОФЕСИОНАЛНО ДЕБИ НА 16 ГОДИНИ, КАПИТЕН НА БОРУСИЈА СО 19
За некој толку надарен, се чини дека отсекогаш бил предодреден да стане фудбалер, пишува „Би-би-си“. Но, како дете, Белингем првично не бил толку заинтересиран за спортот. Неговиот прв тренер Фил Вулдриџ се сети на првата средба со Белингем кога имал четири години.
– Штом ќе ставевте фудбал пред него, тој навистина не беше заинтересиран. Потребно беше време, тоа не беше прекуноќ, тоа беше прашање на неколку месеци – изјави тој за „Би-би-си“.
Но, кога „кликна“ за Белингем, немаше ништо да го спречи. Тој им кажувал на своите учители и соученици во неговото училиште дека еден ден ќе игра за Англија. Како што растеше неговата љубов кон спортот, татковците на Вулдриџ и на Белингем формираа тим наречен Стурбриџ јуниорс, за кој продолжи да игра редовно. Таму го привлече вниманието на локалните професионални клубови и на седумгодишна возраст му се приклучи на Бирмингем сити, каде што работеше со тренер за кој Белингем вели дека го обликувал како личност и како играч. Мајк Додс одигра клучна улога во развојот на Белингем, што доведе до негово професионално деби на 16-годишна возраст.
Белингем одигра само една сезона во Бирмингем, но беше клучен за да му помогне на тимот да избегне испаѓање во Лига 1. Талентот и зрелоста што ги покажа на теренот на само 17 години го привлекоа вниманието на многу од најголемите светски клубови, но Борусија Дортмунд беше таа што победи во трката за потпис на играчот. Белингем продолжи да напредува и во октомври лани испиша историја со тоа што стана најмладиот капитен на Борусија Дортмунд, со само 19 години.
– Секогаш кога мислите дека сте виделе целосно формиран Џуд Белингем, тој прави нешто друго, нешто различно и додава повеќе слоеви во својата игра. Тој е феномен – рече германскиот фудбалски стручњак Рафаел Хонигштајн, пренесе „Би-би-си“.
Се израмни со Роналдо
Џуд Белингем го изедначи фантастичниот број голови со Кристијано Роналдо за нов фудбалер на Реал Мадрид, покажувајќи повторно дека Реал Мадрид доби многу повеќе од перспективен фудбалер од средниот ред кога го ангажира ова лето, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Англискиот репрезентативец сега има 10 гола на исто толку меча, откако постигна два во победата на дуелот дома со Осасуна со 4-0. Тоа е најдобриот голгетерски почеток за нов фудбалер на Реал, откако Роналдо исто така постигна 10 гола на првите 10 средби по неговиот трансфер од Манчестер јунајтед пред 14 години.
– Тој ја става својата наметка за Супермен речиси на секој меч – рече за својот нов соиграч ветеранот Дани Карвахал, кој му асистираше за првиот гол во саботата.
Белингем испрати порака дека е подготвен да се справи со големите очекувања кога го прифати дресот со бројот 5 на Зинедин Зидан во Реал Мадрид, но никој не очекуваше тој да постигнува голови со ова темпо, дури ни неговиот тренер, пишува АП. Белингем води во лигата со осум гола, откако постигна погодок во шест од осум првенствени натпревари. Тој исто така постигна гол во двата меча на Реал Мадрид во Лигата на шампионите сезонава.
– Неговиот почеток на сезоната е изненадување од секој аспект. Никој не очекуваше дека ќе постигнува толку голови – изјави тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, пренесе АП. Н.М.