Првите контролни натпревари ќе бидат на 3 и на 4 ноември на гости, а вторите на 3 и на 4 јануари во Скопје

РАКОМЕТ – ВО НОЕМВРИ И ВО ЈАНУАРИ

Машката ракометна репрезентација на Македонија во подготовките за претстојното Европско првенство (ЕП), во јануари в година во Германија, во план има да одигра четири пријателски меча со селекцијата на Грција. Според информациите од Ракометната федерација на Македонија (РФМ), избраниците на селекторот Кирил Лазаров првите контролни средби со Грција ќе ги одиграат на 3 и на 4 ноември на гости, за време на неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), а вторите два се закажани за 3 и за 4 јануари во Скопје.
Македонија на ЕП 2024 е во силната група А, заедно со Франција, Германија и со Швајцарија. Првиот меч црвено-жолтите ќе го играат со Франција на 10 јануари, четири дена подоцна е дуелот со Германија, а на 16 јануари е дуелот со Швајцарија. За Македонија ова е осмо ЕП, седмо во низа, а најдобриот пласман е од ЕП 2012 во Србија, петтото место.
Репрезентацијата на Грција, пак, која во Германија првпат ќе биде дел од едно ЕП, исто така е во силна група, заедно со селекциите на Чешка, Португалија и на Данска. Двете најдобри репрезентации од секоја од шесте групи одат во втората фаза на ЕП, каде што ќе се формираат две нови групи со по шест селекции. Г.И.