Со два клуба за кои настапуваше, Вардар и Слога Југомагнат, тој четири пати ја освојуваше шампионската титула во ПМФЛ. Јовчев уште од првиот ден од формирањето, па до денес, е вработен во Академијата за талентирани фудбалери на ФФМ

ГОГО ЈОВЧЕВ (2)

За тоа како изгледаа првите години од кариерата на голманот Гого Јовчев пишував во минатиот понеделник, а сега да видиме низ кои клубови помина и што од сето тоа му останало во сеќавање. Ова продолжение за Јовчев ќе го почнам не по хронолошки ред, туку со моментот што најмногу му остана во болно сеќавање. Ќе се вратиме во 1994 година, кога Вардар првпат излезе на европската сцена, овој пат како претставник на Македонија.
– Прв противник ни беше унгарската екипа Бекешчаба. Бевме мотивирани и горевме од желба во дебитантскиот настап да го елиминираме противникот и да се пласираме во следната рунда од Купот на УЕФА. Добро почнавме, поддршката од преполните трибини како да ни даваше крилја. По првото полувреме водевме со 1-0. Гледачите беа задоволни и, нормално, очекуваа во продолжението со тактичка игра да дојдеме до толку посакуваната победа. Имавме комплетна контрола на теренот и мала иницијатива, па сѐ навестуваше дека на реваншот во Унгарија ќе одиме со предност. Но, тогаш дојде оној кобен момент за мене, кога во најзначајниот натпревар во кој требаше да ги потврдам моите голмански квалитети, направив грешка. Сакајќи да дегажирам, дојдов со топката кон аголот од шеснаесетникот. Тука малку се подлизнав и слабо ја зафатив топката, всушност ѝ дадов едно ефе, кое ја дотркала на спротивниот агол, каде што бешe противничкиот играч Мрачко, кој се враќаше кон центарот. Но, кога виде што се случи, се впушти кон топката и ја пласира во небранетиот гол. Јас немав време да интервенирам и тоа беше студен туш за повеќеилјадната публика. По овој примен гол бев како избезумен, едноставно не ми се веруваше оти може и тоа да ми се случи, да примам таков гол, со кој беше уништен дотогашниот труд на целата екипа. Не ми се зборуваше, бев разочаран и долго не можев да се смирам. Мрачко ми го „замрачи“ животот, а ми беше уште помрачно, бидејќи тоа беше гол за израмнување, 1-1. Во реваншот се боревме, но не успеавме да дојдеме до позитивен резултат. Бевме поразени со 1-0 и елиминирани од натамошните натпревари во Купот на УЕФА. Во реваншот на голот беше Петар Милошевски, кој, според мене, беше еден од најдобрите и најталентирани голмани, со кого заедно ги почнавме и настапите за младата репрезентација на Македонија под селекторската pалка на Јово Никушев. Покрај нас, кога веќе ја споменувам младата репрезентација, тука беа уште двајца голмани, Зекир и Груевски, па можам да кажам дека имаше силна конкуренција на голманската позиција – вели Гого.

ПО ИНИЦИЈАТИВА НА КОСТОВ ВО БРЕГАЛНИЦА

По настапот против Бекешчаба, на Јовчев му беше потребно извесно време да ја заборави онаа грешка. Но, и тоа помина и повторно застана меѓу стативите.
– Минатото беше заборавено. Грешката со Унгарците ме тиштеше, но беше и добра школа во иднина да не се повтори. Кога ќе се најдев во слични ситуации бев многу внимателен и концентриран. Впрочем, набрзо дојде и еден натпревар што ме врати во живот. Тоа беше дуелот со Љуботен, на кој во вистинска смисла ги демонстрирав моите голмански квалитети. Некои од постарите љубители на фудбалот сигурно ќе се присетат, оти на таа средба одбранив дури три пенали – се присетува Јовчев.
Потоа Јовчев замина во војска, а кога ја исполни и таа обврска, погледите, нормално, му беа свртени кон фудбалот. Но, на изненадување на сите, тој не се врати во Вардар, туку по предлог на Влатко Костов, потпиша договор со Брегалница. И двајцата беа соиграчи во Вардар, во времето кога Гого стапуваше на сениорската сцена, а Влатко веќе беше искусен фудбалер.
– Но, таа епизода не траеше долго. Одиграв максимално, но и покрај големите амбиции на штипјани, не можевме да му застанеме на патот на забревтаниот Силекс, кој во тие години трипати ја освојуваше титулата. Останав шест месеци во Брегалница, а сметајќи ја и војската тоа беше долг период како сум надвор од Скопје и од семејството, па решив да се вратам дома. Тука имав поголем избор на клубови што беа заинтересирани за мене, но некако најпривлечен ми беше ФК Скопје. Впрочем, тука и претходно поминав убави денови, кога бев позајмен од Вардар. Кога дојдов вторпат, на почетокот тренер беше Илија Димовски, а откако тој замина Миленко Неделковски, кој практично беше прв човек на клубот, за тренер го донесе легендарниот Благој Истатов. Со овој тандем направивме вистински подвиг и по есенскиот дел од сезоната бевме втори на прволигашката табела, што претставуваше големо изненадување. Успеавме да го совладаме дури и Силекс, кого по три години го поразивме во Кратово – вели Јовчев.
Меѓутоа, недостигот од средства го стори своето. Неделковски и Истатов го напуштија клубот, кој во пролетниот дел, иако во своите редови ги имаше искусните вардарци Марковски и Спасевски, едвај се спаси од испаѓање.

ПРЕСЕЛБА ВО НАЈФУДБАЛСКИОТ ГРАД

Откако се виде дека Скопје мака ќе мачи во следната сезона, Јовчев го напушти клубот и се пресели во Прилеп.
– Победа уште во почетокот на мојата кариера ме привлекуваше, но сега дојде оној вистински момент да одам во најфудбалскиот град, во Прилеп. Таму бев примен со симпатии, а бев и задоволен што имавме силна екипа. Тука беа Николаевски, Васевски, Боров, Љ. Георгиевски, докажани фудбалери чие присуство во тимот многу ветуваше. Прилепчани веруваа дека може да се бориме и за титулата, но откако Победа долго време беше на второто место, работите толку многу се сменија, така што на крајот и самиот не знам како се случи тоа, завршивме на шестата позиција. Нормално, тоа беше разочарувачки, не само за нас фудбалерите туку и за градот. Мене по овој неочекувано слаб пласман, иако се стекнав со многу пријатели во Прилеп, ми беше непријатно да останам и се преселив во клубот во кој уште многу години порано посакував да одам, а тоа беше Слога Југомагнат. Тука атмосферата беше на високо ниво, се чувствував многу пријатно во популарниот клуб од Чаир, а што е најбитно ја освоивме и титулата – продолжи Гого.
Очигледно Јовчев не можеше да мирува и едноставно секогаш се стремеше кон нови предизвици. Следна дестинација му беше Работнички Кометал.
– Не можев да ја одбијам понудата на тренерот на „железничарите“ Мирсад Јонуз, кој многу веруваше во мене, а тоа морам да признаам ми годеше и повторно се најдов во Градскиот парк. Тука останав една година, за повторно да се вратам во Слога за да го доиграм она што остана од договорот, оти некако брзо го напуштив Чаир. Кога заврши и тој период, тренерот Ѓоко Хаџиевски повторно ме повика да се вратам во Вардар. Оваа понуда не можев да ја одбијам зашто во душата сум вардарец. И да бидам искрен не згрешив, со Вардар како негов член ја освоив четвртата титула шампион на Македонија. Сето тоа беше убаво, но помладите голмани со брзи чекори напредуваа и се стремеа да ги заземат местата на поискусните. Почувствував дека се ближи и мојот крај на активно бранење, веќе наполнив 32 години и сметав дека тоа беше доволно, иако за голманите се вели дека старосната граница може да биде и 40 години, што е вистина. Но во фудбалот никогаш ништо не се знае, па така се случи и со мене. По некое време дојдоа луѓе од Струмица и ме замолија да ѝ помогнам на Беласица. Најмногу поради Истатов не можев да ги одбијам и бранев за Беласица два-три месеци. Кога се вратив дојде нова покана од Шкендија, но истовремено отворив и кафуле, па некако попријатно ми беше да седам со друштво во него отколку да одам по фудбалските натпревари, па и таму не останав долго. Но, и тоа не беше крај на кариерата, зашто чувствував обврска да му помогнам на соседскиот клуб Горно Лисиче – Еуромилк, каде што конечно завршив со активно играње. Во меѓувреме настапував за младата репрезентација на Македонија, која се вклучи во квалификациските натпревари за Европското првенство и Летните олимписки игри. Ги паметам победата на првиот официјален натпревар против Естонија во Кавадарци, кога славевме со 7-0, потоа тешкиот пораз од Белгија на гости, но и победата дома. Незаборавна ќе остане и средбата во Кочани, кога ја совладавме Данска со 5-3, а и пријателскиот дуел со Турција во Прилеп, кој го добивме со 1-0. Настапував и за сениорската репрезентација, но мора да кажам дека од селекторите добивав мала минутажа – појаснува Јовчев.
Во времето кога Јовчев се раздели од голот, во рамките на ФФМ, а по иницијатива на тогашниот претседател Илчо Ѓорѓиоски, беше формирана фудбалска академија, во која беа опфатени млади талентирани фудбалери. Јовчев, како еден од најискусните голмани, од првите денови си го најде своето место таму. Тој и денес е член на Едукативниот центар на ФФМ и секогаш е подготвен со своето искуство да им помогне на голманите што допрва стапуваат на сцена.