Фото: ЕПА

Англискиот премиерлигаш досега ги освои пехарите во ЛШ, ЛЕ, во некогашниот КПК и во Суперкупот на УЕФА, а таков успех досега остварија и Јувентус, Ајакс, Баерн и Манчестер јунајтед. Челси својот прв настап во Конференциската лига го почнува со натпреварот дома, со Гент од Белгија

ФУДБАЛ – НЕДЕЛАВА ПОЧНУВА КОНФЕРЕНЦИСКАТА ЛИГА

Челси по двапати ги освои Лигата на шампионите (ЛШ), Лига Европа (ЛЕ), некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК) и Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА), а сезонава е во потрага по нешто ново во својата прва сезона во фудбалската Конференциска лига, пишува УЕФА. Четвртата сезона на Конференциска лига почнува со натпреварите од првото коло задутре и в четврток.
Таа потрага на англискиот премиерлигаш почнува со натпреварот дома со тимот на Гент од Белгија, в четврток. Челси може да стане првата екипа што победила во сите големи натпреварувања на Европската фудбалска унија, откако претходно клубот од Лондон беше континентален шампион во 2012 и 2021 година, победи во Лига Европа во 2013 и 2019 година, во КПК во 1971 и 1998 година и во Суперкупот на УЕФА во 1998 и 2021 година.
Сега Челси е во групата во која има пет клуба што ги освоија трофеите во ЛШ, ЛЕ, КПК и во Суперкупот на УЕФА. Тоа го остварија и Јувентус (2-3-1-2), Ајакс (4-1-1-2), Баерн (6-1-1-2) и Манчестер јунајтед (3-1-1-1). Од овие клубови, сезонава во Лигата на шампионите играат Јувентус и Баерн, а во Лига Европа настапуваат Ајакс и Манчестер јунајтед. Сите пет клуба беа и планетарни клупски шампиони.
Сезонава комплетирање на четири големи трофеи од куповите на УЕФА може да направи, на пример, и Атлетико Мадрид, кој се натпреварува во Лигата на шампионите. Шпанскиот клуб претходно ги освои пехарите во ЛЕ (трипати), КПК (еднаш) и во Суперкупот на УЕФА (трипати).
Меѓу 32-та учесника во лигашката фаза на Конференциската лига сезонава, покрај Челси, досега и Фиорентина освои европски трофеј, и тоа во КПК, во 1961 година, во првото издание на тоа натпреварување, кое во 1999 година се спои со тогашниот Куп на УЕФА, сега со име Лига Европа. Италијанскиот тим двапати по ред беше финалист во Конференциската лига, лани и годинава.
Конференциската лига, како и Лигата на шампионите и Лига Европа, сезонава се игра според нов формат, со 36 тима во една лига (наместо како до лани со 32 екипи поделени во осум групи), но разликата е во тоа што во Конференциската лига секој тим во лигашката фаза ќе одигра по шест натпревари, по два помалку отколку екипите во Лигата на шампионите и во Лига Европа.
Во осминафиналето ќе играат најдобрите осум тима, како и победниците на плејофот во кој ќе настапат клубовите од деветтото до 24-то место на табелата по шесте кола. Клубот што ќе триумфира на Конференциската лига ќе добие право во идната сезона да се натпреварува во Лига Европа. Н.М.


ПОБЕДНИЦИ НА ЧЕТИРИ ГОЛЕМИ КУПОВИ НА УЕФА

КЛУБ ЛШ ЛЕ КПК СК
Јувентус 2 3 1 2
Ајакс 4 1 1 2
Баерн 6 1 1 2
Челси 2 2 2 2
Манчестер ј. 3 1 1 1
ЛШ – Лига на шампионите; ЛЕ – Лига Европа; КПК – Куп на победниците на куповите); СК – Суперкуп на УЕФА

КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА,
ПРВО КОЛО
СРЕДА
Истанбул Башакшехир – Рапид Виена 16.30 ч.
Виторија – Целје 16.30 ч.
ЧЕТВРТОК
Хајденхајм – Олимпија 18.45 ч.
Серкл Бриж – Сент Гален 18.45 ч.
Астана – ТСЦ 18.45 ч.
Динамо Минск – Хартс 18.45 ч.
Ноа – Млада Болеслав 18.45 ч.
Легија – Бетис 18.45 ч.
Молде – Ларн 18.45 ч.
Омоноја – Викингур 18.45 ч.
Фиорентина – Њу Сеинтс 21 ч.
Челси – Гент 21 ч.
Копенхаген – Јагелонија 21 ч.
Лугано – Хелсинки 21 ч.
Петрокуб – Пафос 21 ч.
Борац – Панатинаикос 21 ч.
ЛАСК – Ѓургарден 21 ч.
Шамрок роверс – АПОЕЛ 21 ч.


ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Неделава реприза на некогашно европско финале, Астон вила – Баерн

Фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) продолжува утре и задутре, со натпреварите од второто коло, во кое има и една реприза на некогашно финале на најсилното европско клупско фудбалско натпреварување (тогаш со име Куп на шампионите), дуелот Астон вила – Баерн, кои играа меѓу себе во 1982 година, во Ротердам. По првото коло сезонава, во водство е Баерн, а вкупно 15 тима имаат по три бода.
Утре играат Салцбург – Брест, Штутгарт – Спарта Прага (двете од 18.45 часот), Арсенал – Пари сен Жермен, Баер – Милан, Борусија Дортмунд – Селтик, Барселона – Јанг бојс, Интер – Црвена звезда, ПСВ Ајндховен – Спортинг и Слован Братислава – Манчестер сити (сите од 21 часот). Двојките за среда се Шахтер – Аталанта, Џирона – Феенорд (двете од 18.45 часот), Астон вила – Баерн, Динамо – Монако, Ливерпул – Болоња, Лил – Реал Мадрид, Лајпциг – Јувентус, Штурм Грац – Клуб Бриж и Бенфика – Атлетико Мадрид (сите од 21 часот). Н.М.