Филип Костиќ (десно) го слави постигнувањето на погодок на „Ноу Камп“ со соиграчите/Фото: Твитер - Лига Европа

Фудбалерите на Ајнтрахт Франкфурт ја елиминираа фаворизираната Барселона во четврт-финалето на Лига Европа, со победата од 3-2 во вечерашниот меч на „Ноу Камп“, за вкупни 4-3 во двомечот.

Гостите од Германија стигнаа до водство од 3-0 преку двојниот стрелец Филип Костиќ и Рафаел Боре, додека Серхио Бускетс и Мемфис Депај ги постигнаа погодоците за домаќинот во судиското надополнување од дуелот.

Ајнтрахт ја прекина низата на Барселона од 15 средби без пораз во сите конкуренции и ја исфрли од натпреварувањето во кое беше прв фаворит за трофејот.

Германците во следната рунда ќе се сретнат против Вест Хем, кој беше подобар од Лион по вечерашната победа од 3-0 (вкупни 4-1), додека во второто полуфинале ќе играат Глазгов Ренџерс (ја елиминира Брага со победата од 3-1 по продолженија за вкупни 3-2) и Лајпциг (славеше против Аталанта на гости 2-0 за вкупен резултат од 3-1).

Полуфиналните мечеви се играат на 28 април и 5 мај.


Заниоло ја однесе Рома во полуфиналето на Лигата на конференции

Николо Заниоло постигна хет-трик во убедливата победа на Рома над Бодо/Глимт од 4-0 со која италијанскиот клуб се пласираше во полуфиналето на Лигата на конференции, надоместувајќи ја негативата од 0-1 од првиот дуел. Теми Ејбрахам исто така беше стрелец за „волчицата“.

Рома во полуфиналето ќе се сретне против Лестер, а втората полуфинална двојка ја сочинуваат Марсеј и Феенорд.