Вториот интернационален камп на Реал Мадрид Фондацијата вчера и официјално беше отворен во Охрид. Добредојде на децата им посака носителот на лиценцата Влатко Тодев и менаџерот на Реал Мадрид Фондација, Карлос Касиљас Санчез.
– Драго ми е што сме овде во Македонија и што со нашите тренери од Мадрид, Хуан Андрес Гонзалес и Хоакин Валерио ќе Ви пренесеме дел од фудбалското искуство кое ќе ви овозможи нови знаења. Ќе учиме фудбал, а секојдневно преку едукативните предавања ќе ги имплементираме и основните вредности кои се темел на работата на нашата Фондација. Тоа се лидерство, тимска и напорна работа, почит и самоконтрола – изјави Санчез.
Нашите мадридисти се сместија во хотел „Аквалина”, подготвени за ново искуство тие ја добија и својата оригинална опрема од Реал Мадрид. Денот им започна со индивидуално и групно фоторгафирање, а според правилата на Фондацијата, беше одржано и првото предавање на тема лидерство. На отворањето беше прочитано и писмо од општина Охрид во кое се изразува поддршката и реализација на визијата која кон овој камп ја даде прерано починатиот градоначалник Стојаноски.
Тимот на тренери од Шпанија стартуваше со тренинзи во попладневните часови, со традиционалните тест-натпревари за согледување на квалитетот со кој располага секој кампер одделно. Децата се поделени во групи според возраст и според фудбалското искуство кое го поседуваат.