Кога сум во шеснаесетникот, се обидувам да му ја додадам топката некому за да постигне гол или, пак, јас да постигнам гол. Секогаш станува збор за тимот, вели Салах

ФУДБАЛ – МОХАМЕД САЛАХ, НАПАЃАЧ НА ЛИВЕРПУЛ

Мохамед Салах уживаше во блескавата победа на Ливерпул над Вотфорд (5-0) во меч од англиската фудбалска Премиер-лига, но инсистира дека тимот ќе се „бори за сите трофеи“ сезонава. Салах на мечот против Манчестер сити во претходното коло постигна прекрасен гол по соло-пробив, со зачудувачка контрола на топката, вештина и завршеток на акцијата. Тоа го повтори на сличен, можеби и на поубедлив начин на мечот со Вотфорд. По натпреварот, Салах зборуваше за „БТ спорт“, за неговата извонредна форма и за тоа кој од тие два гола беше поубав.

Серија без пораз продолжува. Имавте контрола врз играта, од почетокот до крајот?
– Не сакавме да го почнеме натпреварот како против Сити, затоа во соблекувалната пред мечот зборувавме дека треба добро да почнеме и мислам дека успеавме во тоа.
Головите беа навистина посебни.
– Мислам дека сите голови беа многу важни. Боби Фирмино заврши одлична работа, постигна хет-трик, честитки за него. Садио постигна убав гол. Сите голови беа многу важни.
Дали сте постигнале поубав гол од овој?
– Можеби на последниот натпревар. Не знам кој беше подобар, овој или оној против Сити. Секогаш кога сум во шеснаесетникот, се обидувам да му ја додадам топката некому за да постигне гол или, пак, јас да постигнам гол. Секогаш станува збор за тимот. Секогаш се обидувам да играм за тимот. Најважното беше дека постигнавме добри голови, сите од нападот бевме стрелци. Се надевам дека ќе продолжиме така.
Дали формата во која се наоѓате во моментов е најдобрата досега во кариерата?
– Не знам, само се обидувам. Понекогаш немам среќа да постигнувам голови. Се обидувам секојпат да дадам 100 проценти од она што го имам и се обидувам да му помогнам на тимот. Понекогаш имам среќа, понекогаш не. Но се чувствувам сигурен во моментов, постигнувам голови, му помагам на тимот да освојува бодови, тоа е најважно.
На врвот на табелата сте, веројатно ќе бидете во трка за титулата до крајот на сезоната?
– Се надевам. Се надеваме дека можеме да ја освоиме лигата и да стигнеме што подалеку во Лигата на шампионите. Тоа е важно за тим како Ливерпул, за клуб што се бори за сите трофеи.