Путелјас (27), рекордерката според бројот на настапи за Шпанија (93), како капитенка на Барселона годинава триумфира во Лигата на шампионите, во шампионатот и во Купот на Шпанија, за што ја доби „златната топка“

АЛЕКСИЈА ПУТЕЛЈАС, НАЈДОБРА ФУДБАЛЕРКА НА СВЕТОТ ЗА 2021

Алексија Путелјас, капитенка на Барселона, ја доби „златната топка“ што ја доделува магазинот „Франс фудбал“ за најдобра фудбалерка во 2021 година, откако му помогна на својот тим да триумфира во Лигата на шампионите (ЛШ), во шампионатот и во Купот на Шпанија.
– Ги гледам мечевите во Англија, тоа е суперконкурентна лига, со одлични играчи и тимови. Арсенал и Челси веројатно се чекор пред другите, но и другите тимови во лигата се добри – вели Путелјас (27), фудбалерка од средниот ред, во интервјуто за весникот „Телеграф“.
Путелјас, која има над еден милион следбеници на Инстаграм, англиската лига ја опишува како „модел за пример“ за женските лиги во светот. Таа го продолжи договорот со каталонскиот тим минатото лето, но не ја исклучува можноста за преселба во англиската лига во иднина. Таа е фаворитка да биде прогласена и за најдобар играч на ФИФА во јануари.
Фудбалскиот пат на Путелјас почна во Молет дел Валес, мало гратче 25 км северно од Барселона, во локалниот клуб Сабадел. Таа порасна идолизирајќи ја иконата на Барселона, Андрес Иниеста, пред да му се приклучи во клубот во 2012 година, откако една сезона играше во Леванте. Таа со Барса освои пет титули во домашната лига и шест куп-трофеи. Но нејзиниот најголем придонес како капитенка на тимот беше титулата во ЛШ со Барса, која е првиот шпански клуб што го освоил тој трофеј. Рекордерката според бројот на настапи за Шпанија, 93, вели дека стилот на Барселона, кој се заснова на посед на топката, ѝ е многу важен.

– Начинот на кој играме навистина прави разлика, таквиот начин овозможува освојување титули. Во однос на трофеите, повторно ги имаме истите цели како минатата сезона. Имаме многу кратки кариери, мора да бидеме во најдобрата форма ако сакаме да освојуваме трофеи – вели таа.
Путелјас вели дека признанијата и спонзорските договори нема да ја променат.
– И порано чувствував иста одговорност, навистина не ми требаат сите овие признанија за да го дадам најдоброто од себе. Секогаш се трудев да бидам на највисоко ниво, се обидувам да се подобрувам секој ден. Се чувствувам навистина привилегирано и почестено, се чувствувам среќно што се будам секое утро и што можам да го работам она што го сакам, што можам добро да заработам, навистина сум благодарна за сѐ. Имаше многу емоции, сите околу мене беа среќни – рече Путелјас.
Следната цел за шпанскиот фудбал и за Путелјас е со националниот тим, кој ќе биде меѓу претендентите за триумф на Европското првенство (ЕП) следното лето во Англија. Путелјас веќе ја предводеше Шпанија до две европски титули, до 17 години, но во сениорска конкуренција Шпанија никогаш не освоила голем трофеј.
– Не знам што ќе се случи, но нашата намера е да направиме нешто големо, сакаме да освоиме нешто. Мислам дека нѐ очекуваат многу, многу убави нешта на ЕП, потоа и на Светското првенство – вели Путелјас.