Фото: Емил Јовановиќ

Секако дека сум многу среќен. Мислам дека тоа беше добар професионален меч и многу сум задоволен. Во петте реми-партии имав многу малку шанси да играм за нешто повеќе. Потоа сѐ некако тргна на свој начин. Мислам дека на едноставните позиции правев многу малку грешки и тоа помага како во тактичка така и позициска смисла, изјави Карлсен. Само двајца поранешни светски прваци успеаја да победат во шест меча во низа за светската титула

ШАХ

Норвешкиот велемајстор (ВМ) Магнус Карлсен (рејтинг 2,855, рангиран прв во светот) четврти пат ја одбрани титулата светски првак во шах. Тој ја доби и 11-та од предвидените 14 партии, и со вкупен резултат 7,5-3,5 во поени го совлада предизвикувачот од Русија, Јан Непомнијашчи (2.782, рангиран петти во светот), методично неутрализирајќи ги секоја опасност и агресивност на позицијата што ги наметнуваше Русинот. За убедливиот триумф, во кој Карлсен ги доби и шестата, осмата и деветтата партија, заработи 1,2 милион евра, а Непомнијашчи 800.000 евра.
Карлсен (31) со оваа победа петти пат победува во меч за светскиот првак, еднаш повеќе од првиот светски шампион Вилхелм Штајниц и од четвртиот, Александар Аљехин. Само двајца поранешни светски прваци успеаја да победат во шест меча во низа за светската титула, вториот светски шампион Емануел Ласкер и 13-от Гари Каспаров.
– Секако дека сум многу среќен. Не очекував дека ќе биде сосема вака. Мислам дека тоа беше добар професионален меч и многу сум задоволен. Во петте реми-партии имав многу малку шанси да играм за нешто повеќе. Потоа сѐ некако тргна на свој начин. Мислам дека на едноставните позиции правев многу малку грешки и тоа помага како во тактичка така и позициска смисла. Неколкупати кога позицијата беше многу комплицирана, двајцата направивме неколку грешки, но тој ја направи последната.

Главниот фактор беше што играв подобро на релативно едноставните позиции – изјави Карлсен, кој, патем, призна дека играл поконзервативно отколку пред три години.
Клучниот момент се чини беше шестата партија, најдолгата во историјата на светските првенства (136 потези), која траеше речиси осум часа и на крајот ја доби Карлсен во еднаква позиција.
– Ова беше големо искуство за мене. Мечот, се разбира, се состои од многу аспекти, не е само шаховска подготовка туку и физичка, психолошка. Беше малку понапнато отколку што очекував, но, како и да е, тоа не е изговор да се занемарат некои едноставни работи што никогаш не би ги направил во игра со побрзо темпо. Треба да откријам зошто се случи тоа и да се подобрам. Навистина бев збунет од стратегијата на мојот противник, оти тој, всушност, никогаш не се обиде да притисне, само се обидуваше да ја изедначи секоја позиција, не е важно дали тоа беше со црни или со бели фигури – рече Непомнијашчи.


Дубаи секогаш во убави спомени

За Магнус Карлсен, Дубаи засекогаш ќе остане во убави спомени. Тој таму ја освои титулата велемајстор во 2004 година, а во 2014 година стана светски првак во брз и во забрзан шах, а сега успеа и да ја одбрани титулата во класичен шах. Од 26 до 30 декември во Полска ќе се одржи и СП во брз и во забрзан шах и на тој начин Норвежанецот ќе се обиде да ги задржи сите три титули пред крајот на годината. Следната одбрана на титулата во класичен шах Карлсен би требало да ја има на почетокот на 2023 година.


Карлсен за „Нова Македонија“ пред мечот со Непомнијашчи

Што ќе биде одлучувачко во мечот за светската титула против Јан Непомнијашчи?
– Искористување на секоја шанса што ќе ја добијам, затоа што не предвидувам дека ќе добијам многу можности. Очигледно, тоа ќе биде многу тесен натпревар, но се надевам дека ќе бидам во добра форма за да ја осигурам победата – изјави Карлсен пред дуелот со Непомнијашчи во интервју за „Нова Македонија“ во септември годинава.


ТИТУЛИТЕ НА КАРЛСЕН

ГОД. ГРАД МЕЧ РЕЗУЛТАТ
2013 Ченаи Карлсен – Ананд 6,5-3,5
2014 Сочи Карлсен – Ананд 6,5-4,5
2016 Њујорк Карлсен – Карјакин 6-6 (2-0 во тајбрејк)
2018 Лондон Карлсен – Каруана 6-6 (3-0 во тајбрејк)
2021 Дубаи Карлсен – Непомнијашчи 7,5-3,5