Лионел Меси со „Златната топка“/Фото: ПСЖ - Твитер

Аргентинецот Лионел Меси ја освои наградата „Златна топка“ за најдобар светски фудбалер по рекорден седми пат, на вечерашната церемонија во Париз.

Одличниот крилен напаѓач кој сега го носи дресот на Пари Сен Жермен, годинава беше најдобар стрелец во шпанската Примера додека настапуваше за Барселона, додека со аргентинската репрезентација ја освои Копа Америка.

Во изборот на „Франс фудбал“, Меси заврши пред Полјакот Роберт Левандовски од Баерн, кој пак, ја доби пак наградата за „напаѓач на годината“, додека трет беше италијанскиот репрезентативец од Челси Жоржињо. Италијанецот Џанлуиџи Донарума беше прогласен за најдобар голман, Шпанецот Педри за најдобар млад фудбалер, додека Шпанката Алексија Путелјас се закити со признанието за најдобра светска фудбалерка.

– Денеска сум тука во Париз и навистина сум многу среќен. Сакам да продолжам да се борам и да стигнам до нови цели. Не знам уште колку години имам пред себе, но уживам во моментов. Благодарност до моите колеги во Барса, Париз и Аргентина – изјави Меси.

Меси претходно победуваше во изборот на „Франс фудбал“ и во 2009, 2010, 2011, 2012, 2015 и 2019 година. Со седум „Златни топки“ тој ја зголеми предноста пред неговиот голем ривал, Португалецот Кристијано Роналдо, кој пет пати беше прогласуван за најдобар (во 2008, 2013, 2014, 2016 и во 2017 година). По трипати оваа награда ја добиваа Французинот Мишел Платини (1983, 1984, 1985) и Холанѓаните Јохан Кројф (1971, 1973, 1974) и Марко ван Бастен (1988, 1989, 1992).

Пласман во изборот за „Златна топка“

1. Лионел Меси (Барселона/ПСЖ, Аргентина)

2. Роберт Левандовски (Баерн Минхен/Полска)

3. Жоржињо (Челси, Италија)

4. Карим Бензема (Реал Мадрид, Франција)

5. Н’Голо Канте (Челси, Франција)

6. Кристијано Роналдо (Јувентус/Манчестер јунајтед, Португалија)

7. Мохамед Салах (Ливерпул, Египет)

8. Кевин де Брујне (Манчестер сити, Белгија)

9. Килијан Мбапе (ПСЖ, Франција)

10. Џанлуиџи Донарума (Милан/ПСЖ, Италија)