Фото: Маја Јаневска-Илиева

На местото на повредените Јаховиќ и Ракип, селекторот Милевски ги повика Тотре и Бабунски, а за дуелот в четврток, Милевски од претходно не може да смета на Адеми, Ристовски и на Илиев

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, пред двата последни решавачки натпревара, против Ерменија во Ереван (в четврток) и против Исланд во Скопје (в недела) во квалификациската група Ј за Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар, направи измени во составот, откако поради повреди од списокот отпаднаа Ердал Ракип, играчот од средниот ред на Малме, и Адис Јаховиќ, центарфорот на Гестепе. Милевски на нивно место ги повика Енур Тотре од Тирана и Доријан Бабунски, напаѓачот на Ботев Враца.
Според информациите, Ракип, кој дебитира минатиот месец за репрезентацијата на мечот против Лихтенштајн, има болки во коленото и лекарскиот извештај треба да потврди колку време тој ќе паузира. Јаховиќ поради повредата, уште во 16. минута, го напушти теренот на мечот против Конјаспор од првенството на Турција.
Тотре и Бабунски му беа на располагање на Милевски на вчерашниот прв попладневен тренинг на македонската репрезентација. Милевски на мечот со Ерменија не ќе може да смета и на повредените Аријан Адеми и на голманот Дени Илиев, како и на капитенот Стефан Ристовски (два жолти картона). Македонската фудбалска експедиција утре патува за Ереван, на мечот што треба да се одигра в четврток (од 18 часот).

Репрезентацијата на Германија, како првопласирана во групата Ј, веќе обезбеди пласман на Мундијалот, а за второто место и со тоа пласман во баражот, конкурираат Романија, која има 13 бода, како и Македонија и Ерменија, кои имаат по 12 бода. Во претпоследното коло, в четврток, ќе се играат мечевите Ерменија – Македонија, Германија – Лихтенштајн и Романија – Исланд.
Според пресметките, тие дуели од деветтото коло нема да дадат одговор која селекција ќе биде второпласирана, односно од групата Ј сигурно е само дека Лихтенштајн нема никакви шанси за такво нешто. Тоа значи дека решавачки ќе бидат последните натпревари во групата Ј, од десеттото коло, закажани за в недела, Македонија – Исланд, Ерменија – Германија и Лихтенштајн – Романија.


ГРУПА Ј, 9. КОЛО, ЧЕТВРТОК

Ерменија – Македонија 18 ч.
Германија – Лихтенштајн 20.45 ч.
Романија – Исланд 20.45 ч.

ТАБЕЛА
Германија 8 7 0 1 23-3 21
Романија 8 4 1 3 11-8 13
Македонија 8 3 3 2 15-10 12
Ерменија 8 3 3 2 8-11 12
Исланд 8 2 2 4 11-15 8
Лихтенштајн 8 0 1 7 2-23 1