Од вкупно 12-те репрезентации од лигата А во првото издание на Лигата на нациите на Европската фудбалска унија (УЕФА), на Европското првенство идната година ќе играат 11 селекции, потоа девет репрезентации од лигата Б, три од лигата Ц и една од лигата Д, Македонија. Од актуелната сезона, пак, на новоформираното натпреварување на УЕФА, на ЕП 2020 ќе настапат 14 репрезентации од најсилната, лига А, потоа девет од лигата Б и една од лигата Ц, Македонија.


Речиси цела група Е од квалификациите ќе игра на ЕП 2020

Групата Е од редовните квалификации за пласман на фудбалското Европско првенство (ЕП) ќе биде најзастапена на континенталното натпреварување в година, и тоа со четири репрезентации. Од таа група, Хрватска и Велс обезбедија директен пласман како две првопласирани селекции, а Словачка и Унгарија на ЕП се пласираа низ плејофот на Лигата на нациите. По три репрезентации ќе има од групата Е, во која беа Полска, Австрија и Македонија, и од групата И, во која играа Белгија, Русија и Шкотска.


Пет измени во однос на ЕП 2016

Во однос на фудбалското Европско првенство (ЕП) во 2016 година, на ЕП 2020 има пет нови репрезентации. Така, на местото на репрезентациите на Романија, Албанија, Северна Ирска, Република Ирска и на Исланд, на континенталното првенство в година ќе играат дебитантите Македонија и Финска, потоа Холандија и Данска, кои се враќаат на европската сцена по пауза од шампионатот во 2012 година, како и Шкотска, која првпат ќе игра на ЕП по првенството во 1996 година во Англија.


Четири соседски средби на ЕП

Во групната фаза на фудбалското Европско првенство в година, ќе има четири соседски средби. Така, во првото коло прво тоа е дуелот Полска – Словачка, на 14 јуни во Даблин, единствен од четирите на неутрален терен. Од истата рунда е и натпреварот Франција – Германија, на 15 јуни во Минхен, а потоа следуваат уште две средби на соседи во второто коло, и тоа Финска – Русија, на 16 јуни во С. Петербург, и Англија – Шкотска, на 18 јуни во Лондон.


Дуел на фудбалски гиганти веќе во 1. коло

Европското фудбалско првенство в година веќе во првото коло ќе има дуел на фудбалски гиганти, Франција и Германија, репрезентации со вкупно седум светски и пет европски титули. Тој меч на актуелниот и претходниот светски првак на програмата е на 15 јуни, во Минхен. Од првото коло, средбата Англија – Хрватска во Лондон, пак, на 13 јуни, е реприза на полуфиналето на Светското првенство во 2018 година.

ЕП 2020, ПРВО КОЛО

А: Турција – Италија, Велс – Швајцарија
Б: Данска – Финска, Белгија – Русија
Ц: Македонија – Австрија, Холандија – Украина
Д: Англија – Хрватска, Шкотска – Чешка
Е: Шпанија – Шведска, Полска – Словачка
Ф: Унгарија – Португалија, Франција – Германија
мечевите од првото коло се од 11 до 15 јуни