Кога станува збор за планинско војување, народот од регионот Тиграј на северот на Етиопија, има дециниско, тешко стекнато искуство, пишува „Њујорк тајмс“.

Тигрињските борци водеа брутални војни во текот на 70-те и 80-те години против омразената диктатура во Етиопија, која ја соборија во 1991 година, станувајќи национални херои. Во поголемиот дел од следните три децении Тигрињите владееја со Етиопија.

Но, откако младиот реформатор кој зборуваше за мир, Абиј Ахмед, дојде на власт како премиер во 2018 година, тој ги тргна настрана лидерите на Тигрињите. На 4 ноември дојде до насилно избивање на тензиите, кога Абиј покрена воени удари во Тиграј.

Сега народот од Тиграј повторно е во војна, овој пат против владата, А сега ризиците би можеле да бидат и од пошироко значење, со потенцијал за распарчување на Етиопија и за зафаќање на Рогот на Африка.

Битката ги соочува националната армија на Етиопија против владејачката партија на Тиграј која командува со големи сили на вооружени и искусни борци, кои добро го познаваат сопствениот планински терен. Конфликтот веќе се шири со загрижувачка брзина, со интензивни борби, воздушни удари и користење на артилеријата, со што илјадници цивили веќе избегаа надвор од државата. А се појавуваат и информации за маскри на цивилното население.

Аналитичарите предвидуваат потенцијално долга и крвава борба која веќе излегува надвор од границите на Етиопија. Тигрињите истрелаа ракети врз два аеродрома во соседната провинција Амхараи врз главниот аеродром на соседна Еритреја, која ја обвинуваат дека е сојузник на етиопскиот премиер Абиј.

Етиопија се состои од 10 региони, од кои повеќето се етнички поделени и во минатото се бореа за власт. Со брзиот обид на премирот Абиј за либерализација на политиката дојде до избивање на тензиите, а брзината со која тој влезе во војна предизвика загриженост во регионот и меѓу оние кои имаа пофалби за политичарот кој е добитник на Нобеловата награда за мир. Целта на централната власт во Етиопија е соборување на побунетите лидери на регионот Тиграј.

Тешко е да се знае што се случува во војната во која обете страни изнесоа обвиненија за воени злосторства, а веќе се проценува дека има 20 илјади бегалци.