Ливерпул е непоразен на 19 европски меча дома, а Баерн не е поразен на осум меча на гости во ЛШ (од септември 2017-та). Вечерва Ливерпул го пречекува Баерн во меч од осминафиналето

Вечерашниот дуел Ливерпул – Баерн на стадионот „Енфилд“ во осминафиналето во Лигата на шампионите (ЛШ) е прв меѓу овие два тима по 2001 година. Но сегашниот менаџер на „црвените“, Германецот Јирген Клоп, во истиот тој период од 18 години, дури 29 пати се среќавал со Баварците (ефект од девет победи, четири ремија и 16 порази) како тренер на Мајнц и на Борусија Дортмунд, последен пат во финалето на ЛШ во 2013-та на „Вембли“ во кое Баерн триумфира со 2-1, со голот на Арјен Робен.

Робен е играчот на Баерн што постигна најмногу голови против тимовите што ги предводел Клоп, дури девет.

Во една пригода во врска со тој меч, Клоп изјави дека никогаш повторно не ја прегледал снимката бидејќи „тоа би било многу стресно“.

Нема изразит фаворит во овој двомеч, но треба да се истакне дека на Ливерпул многу добро би му дошла победата на првиот меч на „Енфилд“ со оглед на тоа што ги загуби последните четири меча на гости во ЛШ, три сезонава. Дома, пак, Ливерпул е непоразен на 19 европски натпревари, на кои забележал 14 победи. Последниот пораз го претрпе во октомври 2014 година, од Реал. Тоа е втора најдолга серија на непобедливост, по онаа од септември 1974 до декември 1991-та и 40-те меча без пораз.

Баерн игра во променлива форма сезонава, но уште е во игра за освојување на титулата во Бундес-лигата (заостанува само два бода зад лидерот Борусија), но освојувањето на ЛШ е она што навивачите и клупските челници особено го посакуваат. Баерн е еден од петте тима што не беше поразен во групната фаза, а во последните 10 сезони дури осум пати стигнувал до полуфиналето во ЛШ. Баерн не е поразен на осум меча на гости во ЛШ, а последен пат загуби во септември 2017-та, од ПСВ.